На 31 мај 2021, понеделник со почеток во 20:30 ч. на плоштадот „Мајка Тереза“ на платото пред Националната опера и балет (НОБ), ќе се изведе операта „Аида“ од Џузепе Верди, на отворено под ѕвездите.
Диригент е Бисера Чадловска, режисер е Дејан Прошев.
Настапуваат солистите Благица Поп Томова, Зоран Сотиров, Даниела Дјакова од Бугарија, Игор Дурловски, Владимир Саздовски, Марјан Јованоски, Александра Лазаревска Василевски, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, одговорен за светло дизајнот e Милчо Александров. Хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска
„Ремек делото „Аида“ е една од највеличествените оперски творби во музичката литература. Во музичка смисла „Аида“, според музиколозите е музичко чудо составено од мелодиска убавина и имагинативна оркестрација, накратко триумф на творечката имагинација. Овој пат, заради состојбата со пандемијата и пропратните протоколи, грандиозната „Аида“ е конципирана во поинакво руво, во скратена концертна верзија, со мошне внимателен избор на оркестарски и солистички фрагменти, притоа не нарушувајќи ја главната нитка на содршжинскиот набој“, велат од НОБ.
Организаторите потенцираат дека настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.
Задолжително е носење на заштитна маска. Во случај на лоши временски услови, можна е промена на датумот на одржување на претставата. Билетите се во ограничен број. Повеќе информации можете да најдете на следниот ЛИНК.