Штипските текстилни работнички од конфекцијата „Алкон-текс“, позната како конфекција „Лонгуров“, и денеска протестираа пред седиштето на работодавачот, барајќи заштита на своите работнички права и исплата на априлската плата.
Ова е втор протест, по вчерашниот, на кој ја побараа својата плата, како и заштита од институциите. Текстилните работнички најавија дека утре, во 9 часот, повторно ќе се соберат пред седиштето на работодавачот за да го изразат своето незадоволство.
„Работевме во карантин, без прекини. Луѓе се разболуваа, откази се делеа, а притисокот и мобингот станаа секојдневие. Платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, а преку старите се ослободуваат од вишокот. Субвенции од државата редовно се земаат, само за нас плати нема. Па, овој протест нека биде за сите да не молчат, да се борат за своите права и за своите плати кои иако се мали, тешко се заработуваат“, вели Бисера Кафтанова, една од работничките испратени на принуден одмор, која два дена протестира пред Алкон-текс.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права бараат одговорност за прекршувањата на работничките права. Тие потенцираат дека неисплаќањето плата е сериозен удар за егзистенцијата на работниците и нивните семејства.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права побара Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор кај работодавачот и да утврди неправилности во примената на трудовите правила. Дополнително, Комитетот ќе ги контактира и останатите надлежни институции како што се Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција, со цел да се испита дали работодавачот е корисник на државна финансиска помош и дали добиените средства ги злоупотребил. Хелсиншкиот комитет ги повикува сите државни институции да постапуваат со должно внимание согласно своите надлежности и да бараат одговорност од работодавачите кои грубо ги кршат работничките права“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму додаваат дека неисплаќањето на платите е само едно од низата прекршувања со кои се соочуваат текстилните работнички. Најновите истражувања покажуваат дека изминатава година, вкупно 6.783 текстилни работнички и работници останале без работа, а невработеноста е со највисок пораст во Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово, каде што текстилната индустрија е најразвиена.
„Воедно, загрижувачки е и тоа што текстилните работнички честопати работат со договори за вработување на определено време од еден месец, па така, се наоѓаат во постојана неизвесност затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив. Стравувањето за губење на работното место и егзистенцијата го повредува правото на работникот на достоинствена работа“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.