Дури 22% од учениците не се чувствуваат безбедни за време на онлајн наставата, покажува новата анализа за далечинското учење во првото полугодие во учебната 2020/2021 во средното образование на здружението Лидери за едукација.
Тие во анализата насловена Далечинско учење или далеку од учење“ забележуваат дека врсничкото насилство е еден од поголемите предизвици со кои се соочува образовниот систем во земјата, дури и при спроведување на настава на далечина.
Темата на врсничко насилство беше фокус на денешната конференција „Како до (по)безбедни училишни средини?“.
На неа беше презентиран Протоколот за спречување и постапување во случај на насилство, кој е изработен од страна на работна група составена од претстанивици на 10 средни училишта од Скопје, а има за цел да едуцира и креира безбедна средина за сите ученици.
„Како ученици, постојано се соочуваме со притисоци за тоа како изгледаме, што зборуваме и како се однесуваме, а доколку не ги достигнеме тие очекувања ни се намалува самодовербата и стануваме жртви на насилство“, потенцираше Кристијан Поповски, ученик во СУГС „Никола Карев“ од Скопје.
Дополнително, Поповски ја потенцираше важноста од примена на креираниот Протокол за спречување и постапување во случај на насилство, како од учениците, така и од службите.
„Протоколот за спречување на насилство не треба да остане документ кој ќе заврши во архива. Потребно е да се вложи заеднички напор на учениците и службите за документот да биде дисеминиран до сите“, додаде тој.
На конференцијата се дискутираше и за постоечките механизми за справување со врсничко насилство во средните училишта, но и за следни чекори кои е потребно да се преземат за да се гарантира безбедна училишна средина за сите ученици.
„Мораме да имаме кохерентни, суштински решенија за спречување на насилството. За жал, во нашите училишни средини, прагот на толеранција на насилството е на високо ниво. Целта, во крајна линија, е да промовираме недвосмислени политики на целосна нетолеранција на насилство“, изјави Даниела Адамова, раководителка на сектор за образование на Град Скопје.
Директорката на СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“ од Скопје, Тања Јовановска, ги потенцираше новите видови на насилство кои ги донело воведувањето на наставата на далечина.
„Пандемијата ни донесе нови видови на насилство, особено во насока на дигитално насилство. Во нашата земја се уште не се препознава поимот „дигитално здравје“, но мораме да преземеме акции и во насока на унапредување на „дигиталното здравје“, изјави Јовановска.
За важноста од континуирана комуникација и работа со учениците во текот на целиот образовен процес говореше Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во СУГС „Никола Карев“ од Скопје.
„Потребно е да се разговара со учениците во континуитет, секоја учебна година, за да се развива свест за нулта толеранција на насилство и до крајот на образовниот процес сите ученици да го „говорат јазикот“ на ненасилство и толеранција“, посочи психологот.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Не! Насилство“, имплементиран од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија.