„Зголемување на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво“ беше темата на првата јавна расправа која се одржа денес во рамките на Младинскиот центар „Матично“.
На настанот свое обраќање имаа претставници од Сојузот на извидници на Македонија и од Првиот скопски извиднички одред, невладината организација „Еко лоџик“, младински активисти, претставници од општинските основни училишта и членови од училишните парламенти во Општина Центар, како и градоначаникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
„На јавната расправа се дискутираше на теми за зголемување на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво, беа презентирани примери од успешни практики од формалното и неформалното образование што се важен показател за натамошното креирање нови програмски активности и унапредување на положбата на младите во општеството“, известуваат од Општина Центар.
Оттаму дополнуваат дека во рамките на Младински центар – „Матично“ е отворена канцеларија за млади со која ќе координира новиот младински службеник, лице што ќе биде одговорно за спроведување на програмите и политиките за младите во Центар.
„Согласно Програмата за 2021 година предвидено е да се направи стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието и младинското учество во соработка со основните училишта, ангажирање експерти и менторска поддршка од Македонскиот центар за граѓанско образование, работни посети и дискусии со претставници од Град Скопје. Во Буџетот на Општина Центар за 2021 година планирани се 300.000,00 денари за програмски активности за Младинскиот центар – Матично“, се вели во соопштението на општината.
Претставниците од младинските организации презентирале нов предлог-концепт за партиципативно буџетирање што претставува важна компонента што може да се имплементира во основните училишта и да претставува нова стратегија за активно учење на децата и на младите.
На јавната расправа обраќање имала и Снежана Јанковиќ, претставничка од Прв скопски извиднички одред
„Училиштата ширум светот користат партиципативно буџетирање за да ги ангажираат учениците, родителите и вработените во одлучувањето како да потрошат дел од училишниот буџет според потребите на учениците, водејќи се според европските стандарди за создавање квалитетен начин на живот. Практикувајќи го ова „револуционерно граѓанско дело во акција“, учесниците се учат на демократските процеси и начините како да бидат ангажирани и активни во едно општество“, изјавила Јанковиќ, претставник од Прв скопски извиднички одред.