Најавите за дигитализација на учебниците и менувањето на постоечкиот закон сериозно ја разбрануваа јавноста и предизвикаа протести, поднесоци за референдум, бројни негодувања, но и бранење на новото законско решение. Но, што навистина е содржано во предлог законот и зошто е добро или не ова решение? Радио МОФ побара појаснување од Министерството за образование и наука (МОН) како предлагач, но консултираше и повеќе професионалци од областа на образованието, за да дадат свој коментар околу предлогот.
Што стои во новото решение?
Новото законско решение предвидува децата од прво до трето одделение и понатаму да учат од хартиени учебници, но за погорните одделенија предност ќе треба им се даде на дигиталните учебници.
Па така, во Член 6 од предлот за нов закон за учебници се наведува дека учениците до трето одделение ќе користат учебници во печатена форма за наставните предмети мајчин јазик, математика, општествo, природни науки и англиски јазик, додека за останатите наставни предмети ќе користат учебници и други наставни и дидактички материјали во печатена и/или електронска форма. Според новиот Предлог закон, за потребниот број на учебници од 1 до 3 оделение, училиштето секоја година ќе мора да се поднесува барање до општината, односно до МОН.
Оваа обврска нема да важи за погорните одделенија, иако во предлогот останува делот дека потребните средства за набавка на учебниците за општинските основни училишта секоја година ќе се обезбедуваат од Буџетот, преку МОН.
„Учениците од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години на средното образование користат дигитални учебници и други наставни и дидактички материјали во електронска форма кои се поставуваат на интернет платформата од член 9 став (4) од овој закон“, се предвидува во предлог законот.
Иако законското решение тоа не го одредува, сепак од МОН појаснуваат дека воведувањето на дигиталните учебници ќе биде постепено. Планот е од септември нив да ги користат учениците од четврто одделение. Промената велат дека ќе се воведува етапно во следните 5 до 6 години и секоја година ќе се опфаќа по едно дополнително одделение. Од МОН појаснуваат и дека Бирото за развој на образованието веќе објави повик за автори за изработка на материјали за учење.
„Прва опција за учениците ќе бидат дигиталните учебници, а истите ќе бидат достапни и во аудио формат, како и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Законското решение предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник“, додаваат од МОН.
Печатени дигитални учебници
Сепак, она што збуни дел од фелата, беа изјавите на Министерката за образование, Мила Царовска, дека доколку некој ученик не сака да учи од дигитален учебник, родителите ќе можат да го испечатат. Како и дека училиштата имаат обврска да направат фотокопии, доколку е тоа потребно.
За професорот од Педагошкиот факултет во Скопје, Љуљзим Адеми, не постои опција за печатење дигитален учебник.
„Очигледно тука некој не знае што се подразбира под поим дигитализација. Дигиталниот учебник во себе ќе има разни линкови, кои ќе те упатуваат… еве на пример по географија, ако учиш за Истанбул, со еден клик на зборот ќе те однесе таму за да гледаш знаменитости, а тоа не може да се испринта, не е можно. Е сега, ако сакаат под плаштот на дигитализација да пројдат обични е-учебници, една ПДФ верзија, тоа ќе го направат. Дали ќе има успех? Можеби. Децата и сега работат на тој начин, ги гледаме по цел ден се на телефон, на компјутер, и тоа може да биде ама за тие што сакаат, а не за биде обврзувачки затоа што сепак Македонија е сиромашна. Ако МОН направат една добра анализа ќе видат дека најголем дел од децата настава следат преку мобилен телефон, не преку компјутери, и тоа е проблем бидејќи ти на телефон не можеш сè да направиш и тука треба да внимаваат“, скептичен е професорот Адеми.
Тој се смета за повикан да зборува на темата бидејќи уште во 2005 година беше вклучен во обуки за воведување информатичко-комуникациска технологија во образованието. Се согласува дека во дигитализацијата е иднината, ама укажува дека мора добро да се осмисли како ќе се гради таа иднина.
„Дали само ќе каскаме како што беше проектот „Компјутер за секое дете“ ? Па излезе ништо од тоа? Подобро е убаво да се размисли, да се постави на здрави нозе, низ широка дебата, инволвирање на луѓе од сите сфери. А нешто да се прави преку ноќ, јас не верувам дека ќе биде успешно, само ќе биде направено ради-реда, колку да се покаже нешто“, вели тој и додава дека такво нешто е невозможно.
Објаснува и дека креирањето на добар дигитален учебник бара тим, но и време.
„Не може да се направи во месец дена, не знам зошто е потребата да биде итно, преку ноќ направено. Треба долги состаноци да се договорат за содржината предметните наставници, да се дообјасни на колегите информатичари, па дури тогаш тие да пробаат една по една содржина да ја дигитализираат, па после да се согледа пак од сите страни, да се вреднува дали ќе биде добро и применливо. Ние (како факултет) бевме против реформата на овој начин преку ноќ“, потсетува професорот.
Рурално vs Урбано
Наставничката по англиски јазик, Мирјана Каранфиловска предава во Основното училиште „Пере Тошев“ во Општина Долнени. Нејзината колешка Александра Блажевска е наставничка по хемија во скопското училиште „Јан Амос Коменски“. Иако доаѓаат од различни средини, и двете сметаат дека хартиените учебници мора да останат, иако не се против дигитализацијата како процес.
„Мојот став е задолжително хартиени учебници, а дигиталните учебници да бидат во насока на дополнување на хартиените, затоа што прво се соочуваме со проблеми од неможност за поседување соодветни уреди кај секој ученик, значи од старт ги ставаме во нерамноправна положба. Потоа структурата на населението и можностите не се секаде исти. Она што јас го гледам како предизвик е – ако ние имаме дигитални учебници и тие се интерактивни, а од друга страна велиме оние кои немаат ќе им ги испринтаме, па како тогаш ќе ги испринтаме, како тој проблем ќе го решиме? И повторно се соочуваме со нерамноправност, значи дискриминирачки однос“, вели наставничката Блажевска.
Таа додава дека од нејзиното искуство, во земјава немаме доволно подготвени училишта за сите чевртооддленци да стартуваат со дигитални уреди бидејќи учебниците ќе бидат дигитализирани.
„Зошто го зборувам ова? Затоа што сите ние од фелата, наставници, на почетокот на оваа хибридна учебна година бевме принудени да си купиме свои дигитални уреди за да можеме да ја извршиме својата работна обврска. Јас не верувам дека некој друг на друго работно место, од дома си купува помагало за да ја заврши работата на работодавецот. Овде државата е работодавец кој не нè удостои да ни обезбеди дигитални уреди, лаптопи, компјутери, за да можеме ние да да ја реализираме наставата“, вели таа.
И нејзината колешка од Долнени годинава онлајн настава предаваше од домашниот комјутер.
„Како училиште, немаме компјутери на пример, немаме помагала. Кога би било сè дигитално и да се оди на училиште, учениците не можат сами да си купат, училиштето нема средства за тоа и многу тешко би било. Сметам дека е најубаво со книги, според мене. Како помагало може, ама да не е главно, сепак да има учебници бидејки дома кога ке бидат, посебно кога часовите с еонлајн, подобро е да се чита од книга“, вели Каранфиловска.
Таа додава дека мора да се чујат и мислењата на наставниците од руралните средини. Запрашана дали училиштето има можности да печати материјали, искрено одговора.
„Треба да се купува тонер. Има печатач, ама се штеди за најважните административни работи. Да се печатат за децата учебници би било невозможно“, вели наставничката.
Од МОН пак велат дека ќе им дадат поддршка на улилиштата во опрема.
„Заедно со Светска банка ќе реализираме активност за нивно опремување со таканаречен библиотечен фонд на електронски уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за да можат истите да ги користат дигиталните учебници. Училиштата ќе бидат должни исто така да обезбедат и техничка поддршка (одржување) за сите ученици на кои им следува електронски уред. Ова е дел од проект за унапредување на основното образование за кој добивме поддршка од Светска банка во износ од 21,5 милиони евра“, појаснуваат од Министерството.
Исто така додаваат дека работат на нова формула за финансирање на училиштата, која ќе се базира на квалитативни и квантитативни индикатори, со цел обезбедување квалитативна настава во сите училишта.
До каде е дебата за подобро образование?
Професорот Кирил Барбареев, од Факултет за образовни науки при Универзитет„Гоце Делчев“ – Штип беше дел од групата која ја креираше новата концепција за основно образование. Иако посочува дека не бил вклучен во креирањето на новиот Предлог закон за учебници, сепак го прашавме за став околу дигитализацијата на учебниците, во време на голема поларизираност на општеството по ова прашање. Тој смета дека треба да се смири тензијата во општеството, но и дека е промашена дебатата.
„Главната тема, според мене, која ја пропуштаме во овој момент, е дигиталната компетенција на наставникот, а особено прашањето – дали наставникот смета дека со примена на дигитална технологија ќе направи дополнителна вредност во наставата и учењето. Во ЕУ тоа е посебна компетенција за наставниците. Тоа знаење е поврзано со праксата за подобро поучување и учење. Целта е подобра педагогија. Сите земји се на различен степен на развој и капацитет на дигитално образование. Но, суштината, зошто го прават тоа сите, е заради подобри резултати во учењето“, смета професорот Барбареев.
Тој додава дека целта во реформите не е во фаворизирањето или спротивставувањето на печатените или дигиталните материјали за учење, туку вистинскиот предизвик за македонскиот образовен систем е како и двата модела да се подобрат.
„Педагошката примена на дигиталната технологија е за подршка, унапредување и преобразба на учењето и поучувањето. Истражувањето на успешните образовни системи покажува дека сите споделуваат заеднички карактеристики за она што тие имаат направено но и како го направиле тоа. Сите што направиле чекор напред во реформите тргнале од центарот – од визијата на државата. Но, потоа како системот се подобрува, моторот за подобрување се префрла на училиштето и наставникот и примарно се управува од нив, тие стануваат и се претвораат во заедници и центри за учење“, вели професорот.
„Категорично против целосна дигитализација“
Марија Младеновска-Димитровска е магистерка на клиничка и советодавна психологија и долги години училишен психолог. Таа укажува дека иако не можеме да живееме надвор од современите текови, категорично е против целосна дигитализација на учебниците.
Смета дека ова ќе придонесе за уште поголем пад на процесот на учење кај младите генерации. Како пример ги наведува Германија, Франција, САД и Јужна Кореја кои спроведоа дигитализација на учебниците и на наставата, но откако ги увидоа негативните последици по когнитивните способности на учениците, дел од нив го ограничија користењето на дигиталната технологија во наставата.
Предупредува дека читањето на дигитални учебници не овозможува внесување во материјалот и длабинско учење, а како дополнителен проблем го наведува тоа што линковите предизвикуваат непотребна дистракција на вниманието на децата.
„Свесни оти процесот на дигитализација не можеме да го запреме и дека таа е дел од сите сегменти на нашиот живот, следствено на тоа не можеме ретроградно да се движиме и да ја исклучиме дигитализацијата од образованието. Но, оптимално би било кога дигиталната технологија би ја имплементирале во образованието во комбинација со традиционалната настава и класичните учебници, односно дигиталните уреди, алатки и учебници би ни биле само помошно средство при изведување на наставата, а не целосно да се потпреме на дигитализацијата. Потребно е да креираме добро осмислени, квалитетни образовни програми, софтвери и бази на податоци, кои ќе им го олеснат процесот на поучување на наставниците и совладувањето на наставниот материјал на учениците. Притоа не смееме да ги заборавиме ни негативните импликации што дигитализацијата ги има врз менталниот развој и здравјето на децата, на што сме сведоци сите вклучени во образовниот процес“, заклучува Младеновска-Димитровска.
Од МОН уверуваат дека секоја конструктивна идеја и сугестија ќе биде земена предвид. Но, додаваат дека дигитализацијата на образованието мора да се случи.
„Се работи за глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование кои ги наметнуваат развиените општества“, велат од МОН.
Ако биде усвоено новото решение, ќе престане да важи досегашниот Закон за учебници за основно и средно образование. Како што стои во образложението на новиот предлог, потребата од воведување целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали било направено како резултат на постојаните реакции од засегнатата и стручната јавноста, наставници, учениците, но и на родителите/старателите за квалитетот на учебниците, (нивно повлекување поради стереотипи, предрасуди, материјални грешки и други недоследности) и комплицираните постапки за нивно одобрување.
Ј.Ј.