Помалку од 20% од соговорниците во политичките ТВ-емисии во земјава биле жени, а дури 70% од сите ТВ-емисии биле „манели“ (панели во кои учествувале само мажи). Ова го покажува новото истражување „Неискористена експертиза“ на Институтот „Преспа“ во која е анализирано учеството на жените во политичките дебатни емисии во 2020 година.
Истражувањето опфатило 980 епизоди од седум различни дебатни емисии, емитувани на некои од македонските национални телевизии, и покажува дека ниту една емисија не надминала повеќе од една четвртина соговорнички.
„Најдобро“ се покажале емисиите „360 Степени“ и „Топ тема“ со по 25% соговорнички во нивните дискусии, додека најлош родов баланс имало во „Само вистина“, каде само 13% од учесниците во емисијата биле жени.
На дискусијата за резултатите авторките на истражувањето посочија дека причината за ваквиот голем родов дисбаланс може да се бара кај големото мнозинство мажи кои се на раководните позиции во политиката во Северна Македонија, но истовремено истакнуваат дека важен фактор е и говорот на омраза на кој се изложени жените кои гостуваат на телевизиските емисии.
„Ad hominem нападите кои се случуваат на жените се движат обично во насока на физичкиот изглед. Секогаш во сеќавање ќе ми остане кога после моја колумна на Твитер излезе твит со моја долга коса и потоа со моја кратка коса. И твитот беше: „што и стана, дали е болна или е лезбијка?“. Ова е реалноста во која функционираме и тоа треба да го земеме во предвид во оваа анализа“, објаснува Ивана Јордановска, една од авторките на истражувањето.
Кога во предвид се земаат темите на кои се дискутира, жените единствено повеќе се застапени од мажите кога се зборува за родови прашања, 86%. На тема образование и социјални политики 39% од гостите се жени, на економски теми 25%, здравство 20%, додека кога се дискутира за домашна и надворешна политика само околу 17% од соговорниците се жени.
Според Наташа Стојановска, уредничка во „Топ тема“ податоците од анализата се загрижувачки, но посочува дека тие веројатно се последица на општествено-политичката реалност.
„Кога треба да се направи дебата помеѓу власт и опозиција со носител на политичка функција и спотивставен став од опозицијата тука најтешко наоѓаме жени. Веројатно тоа е сликата на општеството. Генерално носителите на политички функции во поголем дел се мажи, па и опозицијата испраќа како соговорник претставник маж“, вели Стојановска.
Новинарот и главен уредник на „360 Степени“ Васко Попетревски признава дека родовиот дисбаланс во ТВ-емисиите е лош и дека е потребно да се вложи многу повеќе напор за да се достигне најпосакуваната состојба од 50-50.
„Имаме проблем кога се трудиме да го обезбедиме тој родов баланс меѓу гостите. Дел од потенцијалните гостинки ми отпаѓале под принципот дека се пречесто во дебатните емисии, често пати наидувам на проблем да обезбедам жена на албански говорен јазик, дел од соговорничките кои сум ги контактирал наоѓаат други видови изговори – фризерот не работел, прашања со шминка и слично“, вели тој.
Авторите заклучокот од истражувањето напоменуваат дека жените ќе имаат корист од поголема застапеност во медиумите и во други области.
„Позитивниот приказ на деловните жени може да влијае на јавното мислење и да поттикне поголем претприемачки дух кај жените. Вклучувањето на жени експертки за безбедносни прашања може да придонесе за покомплексно и повеќеслојно разбирање на безбедноста како човекова безбедност, наместо како национална безбедност. Генерално, вклучувањето на жените како експертки во јавноста може да придонесе за посеопфатен пристап кон креирање и проценка на политиките во целиот спектар на теми“, наведуваат тие.
Целосното истражување можете да го погледнете на следниов ЛИНК.
Даниел Евросимоски