Во последната една и пол година, брановите на заразувањето од КОВИД-19 го брануваат и менталното здравје на луѓето. Психологот Софија Георгиевска, која е универзитетска професорка на скопскиот Филозофски факултет, вели дека значителeн број млади може да имаат проблеми со менталното здравје кои ќе траат и по пандемијата.
Со Георгиевска поразговаравме за тоа кои долгорочни проблеми ќе бидат последица на КОВИД-19, до кога ќе трае стравот и кога повторно ќе биде дозволен допирот во ера на хронична осаменост. Таа забележува дека многумина од нас станаа понервозни за време на пандемијата, а искуствата кај некои лица покажуваат дека пандемијата предизвика навистина сериозни проблеми со менталното здравје.
Па така, се претпоставува дека за 10 до 15 отсто од луѓето, животот можеби нема да се врати во нормала.
„Причините зошто психолозите се загрижени за потенцијалните долгорочни последици од КОВИД-19 вклучуваат лекции од претходните пандемии и националните кризи. Глобалната епидемија на САРС од 2003 година е поврзана со 30 отсто зголемување на самоубиствата кај населението постаро од 65 години“, предупредува Георгиевска.
Според неа, стратегиите како карантинот, кои се неопходни за да се минимизира ширењето на вирусот, можат да имаат негативно психолошко влијание и да предизвикаат симптоми на посттрауматски стрес, депресија и несоница. Истовремено, таа објаснува дека низ историјата, негативните последици од несреќите врз менталното здравје влијаат на повеќе луѓе и траат многу подолго од последиците по физичкото здравје.
„Ако историјата може да предвиди нешто, тогаш мора да очекуваме значителен бран на потреби за ментално здравје што ќе опстане долго по завршувањето на ширењето на инфекцијата. На пример, да се сетиме на последиците од нуклеарната несреќа во Чернобил, Украина. Научниците откриле дека две децении подоцна, оние кои првпат се нашле на лице место, страдале од зголемена депресија и зголемено посттрауматско стресно нарушување“, се надоврзува Георгиевска.
За кои долгорочни проблеми ќе биде одговорен КОВИД-19?
Кога станува збор за тоа кои проблеми со менталното здравје предизвикани од КОВИД-19 може да траат подолго, психолозите сметаат дека опсесивно-компулсивното растројство може да биде еден од главните кандидати.
Георгиевска објаснува дека дека луѓето кои имаат генетска предиспозиција, а некоја форма на опсесивно компулсивно растројство (на пример, опсесија со инфекции или присилна потреба за чистење) имаат големи шанси КОВИД-19 да предизвика или да го влоши ова растројство.
„Покрај ОКР, што е олицетворение на вознемиреност, општата вознемиреност е исто така многу важен сегмент на ментално здравје што треба да се земе предвид. Има многу млади кои веќе страдаат од вознемиреност во нашето модерно општество, но поради оваа смртоносна болест, луѓето кои се повеќе склони кон анксиозност, сепак ќе се чувствуваат така и нивната состојба може да се влоши“, вели таа дополнувајќи дека и по пандемијата, некои може да останат вознемирени од страв од мутирани соеви.
Уште една состојба за која зборува Георгиевска е хроничната осаменост, предизвикана од социјална изолација или „недостаток на смисла“ на животот за време на пандемијата.
„Некои луѓе неволно остануваат со многу малку блиски контакти во ера на социјално растојание и можеби им е тешко повторно да воспостават контакти. Некои доброволно се повлекоа од надворешниот свет, со цел да се „чувствуваат побезбедно“ и со тоа се спротивставуват на ширењето на социјалните интеракции во иднина. Кога луѓето во надворешниот свет доживуваат стрес, тие можат да се одделат од тој свет. А, кога ќе се чувствуваат разделени, може да им биде тешко да се вратат во светот и да се дружат“, објаснува професорката.
Стравот може да трае
Сосема е можно стресот на животот по Ковид-19 да остави посилни траги врз психата на оние кои искусиле болни животни искуства во минатото, нагласува Георгиевска, дополнувајќи дека свесно или несвесно, може да се врати сеќавањето на траумата, што влијаела на нас во минатото.
„Во тој случај, последиците по менталното здравје може да бидат долгорочни, бидејќи тие ќе ја ослободат траумата. Зголемената невработеност или загубата на приходот исто така може да влијае на благосостојбата на долг рок. Бројни студии пред Ковид-19 ги поврзуваат овие фактори со депресија, стрес и самоубиствени мисли“, вели таа.
Георгиевска упатува на резултатите од неодамнешното истражување во САД кои откриваат дека повеќе од половина од оние кои останале без работа или им биле намалени приходите за време на пандемијата имале негативни последици по нивното ментално здравје, а има и поголем број меѓу оние со пониски примања.
„Психолозите посочуваат дека непознатата природа и обем на кризата со коронавирусите само ја зголемуваат несигурноста на повисоко ниво од претходните финансиски кризи. Оваа ситуација е особено проблематична за оние кои „успешно не се справуваат со неизвесноста“ или имаат потешкотии да поминат низ ситуации што не можат да ги контролираат. Живееме во неизвесни времиња во моментов. Некои луѓе се плашат од неизвесност и непознато. Тој страв може да трае“, објаснува таа.
Кога допирите повторно ќе бидат дозволени?
Кога цело време си поставуваме прашања за тоа како ќе изгледа живототот по карантинот, дали е ова новата нормалност или пак кога допирите повторно ќе бидат дозволени, Георгиевска е одлучна дека е важно да се видат и некои позитивни заклучоци. Според неа, пандемијата укажа на високо ниво на еластичност кај општата популација, како и на човечката способност да се опорави од катастрофата.
„Вухан организираше огромен музички фестивал во водниот парк во август. Илјадници луѓе притиснати рамо до рамо, без маски и никакво дистанцирање. Големи настани беа организирани и во Нов Зеланд, откако кривата на пренесување на вирусот во заедницата беше изедначена. Настаните беа организирани, и покрај фаталистичкото расположение од почетокот на 2020 година, кога „многумина се сомневаа дека животот ќе се врати во нормала, а некои предвидоа мрачен свет по пандемијата“, вели таа.
Според професорката, неповолните околности на пандемијата имаат и „исклучително позитивно влијание“ врз менталното здравје на некои луѓе, што исто така може да биде долготрајно.
„Искуството на изолација, помогна да се намали нивото на анксиозност и да се запрат нападите на паника кај оние кои доживеале голема количина на стрес во надворешниот свет пред пандемијата. Ова е затоа што тие се чувствувале послободно и побезбедно поминувајќи повеќе време дома“, објаснува таа, дополнувајќи дека принудното затворање натера дел од луѓето да „постават свое темпо на живот“ кога станува збор за дружење и поставување „зона на удобност во границите помеѓу отворен и затворен простор“.
Ивана Смилевска