Не се почитуваат законските рокови при постапките за утврдување на правен статус за дивоградбите, утврдува Државниот завор за ревизија (ДЗР) во својот извештај за Општина Струга.
Предмет на ревизијата е спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во Струга, каде Ревизорот утврдил дека „создадени се услови за изградба на ново изградени или доградени објекти без одобрение за градење“.
„Во Општина Струга нема спроведено отстранување на бесправно изграден објект“, се вели во извештајот.
Исто така, со извршената ревизија за усогласеност за периодот од 2011 до 2020 година, Ревизорот дава критики и за Регистарот за дивоградби.
За него вели дека не се предведени податоци што се однесуваат на локација и метри квадратни на објектите кои се предмет на легализација, податоци за статусот на барањата, причина доколку постапката е прекината или одбиена, потребни мерки што треба да се преземат, како и немање податоци за вкупниот број на барања и објекти за кои е започната постапка.
Како издадено мислење е дека:
„Процесот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во општина Струга не се одвива според потребната/очекуваната динамика што влијае на одовлекување на процесот и не постигнување на целите на Законот“.
Инаку, дивоградбите во Охридскиот регион се забележува и во новиот извештај на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО.
Во заклучокот на мисијата стои дека уривањето на дивоградбите во регионот се одвива многу бавно, додека за мораториумот на градба констатираат дека бил така направен што оставал голем број исклучоци ид забраната. Критики има и за дополнителната деградација на Студенчишко блато, недостатокот на студија за алтернативни траси за пругата на Коридорот 8, а се истакнува и тоа што бил повлечен законот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот регион.