Уметницата Нина Симовска ја најави својата петта самостојна изложба насловена „Внатрешни воини“, која ќе биде отворена на 10 јуни во „Котур“.
Станува збор за серија дигитални портрети кои започнале како идеја за време на минатогодишниот карантин и според Симовска, тие се слика на внатрешните, длабоки емоции и борби на уметникот за време на социјалната изолација.
„Барајќи одговори таа создава едно свое „племе” од ликови и карактери т.н. внатрешни воини кои се презентација на сите нејзини размислувања, емоции како страв, тага, осуда и сл. Портретите се движат помеѓу реализам и илустрација, со забележително присуство на цветна контура која означува оптимизам, раѓање и нов почеток“, стои во најавата за изложбата.
Нина Симовска е уметник, илустратор и муралист и стои позади дизајнерското студио „Just Because.” Таа е дипломиран археолог на катедрата за Историја на уметност при универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со цртање започнува уште од најмала возраст, инспирирана најчесто од сликарските платна на татко и. Во својот личен уметнички израз, Нина, е во потрага по своја сопствена естетика и личен печат најчесто барајќи го во несовршеноста на карактерите и портретите кои ги создава.
Изложбата е од продажен карактер, а на неа ќе може да се купат и принтови во помал формат, дизајнирани маички и бандани по промотивна цена само за присутните гости.