Пратениците во Данска усвоија закон според кој барателите на азил ќе бидат испраќани во држави надвор од Европа каде ќе се разгледуваат нивните апликации.
Законот, кој беше изгласан со 70 гласови „за“ и 23 „против“, е последната анти-миграциска мерка донесена од данскиот парламент со цел да се обесхрабрат мигрантите од доаѓање во земјата.
Според законот, кој беше предложен од социјал-демократската влада, Данска ќе може да ги испраќа барателите на азил во прифатни центри во други држави, најверојатно надвор од Европа, каде што ќе бидат разгледувани нивните правни барања за азил.
Организацијата за бегалци на Обединетите Нации (УНХЦР) предупреди против злоупотребите на процесот за азил.
„Вакви практики ги поткопуваат правата на оние кои бараат сигурност и заштита, ги демонизираат и ги казнуваат, а може да го стават во ризик и нивниот живот“, изјави високиот комесар на Организацијата, Џилиан Тригс.
Законот доби осуда и од бројни меѓународни организации за човекови права, како Амнести Интернешнал, кои оваа одлука ја нарекоа „грозно и срамно бегање од одговорноста на данските политичари“.
„Целата идеја дека Данска може просто да каже „не“ за своите меѓународни обврски е навистина ужасна и ние сме навистина разочарани денеска“ вели во разговор за Еуроњуз, портпаролката на Амнести, Лиса Блинкенберг.
Таа истовремено изразува загриженост дека праќањето на баратели на азил надвор од земјата може да води кон кршење на човековите права.
Законот доаѓа како дел од поголем сет мерки за спречување на имиграцијата во Данска. Минатиот месец Копенхаген потпиша меморандум за разбирање со Руанда околу прашања поврзани со азил и имиграција. Во тој период владата ги негираше обвинувањата дека барателите на азил ќе бидат испраќани во африкански држави, нарекувајќи ги како шпекулација таквите сомнежи.