Пркос, веројатно тоа е зборот што може да го опише десетто, јубилејно издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE, кое годинава го имаше своето прво хибридно издание. Гостите од странство се вклучија преку видео врска во живо, додека домашните застанаа на сцена, на терасата на Музејот за современа уметност во Скопје. Младите активисти му пркосеа на времето во кое живеат, на стравот и на апатијата, и уште еднаш покажаа дека во земјава има луѓе кои сакаат да ги променат работите и не се плашат од неуспех.
Во овој „Мегафон“ со нив зборуваме за тоа кој e мотивот зад нивниот активизам и што е потребно да направат младите за нивните идеи да не останат само желба, туку да бидат реализирани.
Херојот од Кавадарци, Борче Стаменов е човекот кој поправи и донираше над 800 компјутери за децата кои немаат. Акцијата „Донирај компјутер“ инспирираше многумина да помогнат во време на пандемија, кога компјутерот стана неопходно средство за работа, учење, комуникација. Зошто го правиш ова, го прашавме Борче?
„Целата ситуација што ја имаме во државата веќе 30 години од нејзиното основање, едноставно на луѓе како мене не ни дава да седиме мирни, да оставаме времето за некои и онака да прелета само, желба ми е да помогнам на што повеќе дечиња и се надевам дека и државата ќе се свести да излезе во пресрет со било какви реформи, не како овие што ги имаме сега… не кошта ништо, а си одиш дома со полно срце“, одговара тој.
Со полно срце секој ден дома си заминува и медицинскиот техничар Денис Јанкуловски. Го викаат Космонаутко – бидејќи цела пандемија ја мина во скафандер додека земаше брисеви од болни и суспектни на ковид 19. Но, за разлика од многумина, Космонаутко ги искористи социјалните мрежи и неговото знаење, за да апелира, алармира и шири позитивна енергенија меѓу луѓето во текот на целата пандемија. Ни треба повеќе љубов, е пораката која Космонаутко ја праќа до младите.
„Мене ми беше мотив тоа што, прво се работи за нечие здравје. Значи мојата улога од почетокот на пандемијата, значи од самиот полеток со земањето брисеви, и сега со вакцинацијата, си ја прифатив дека можам и придонесувам за решавање на кризата, помагам за подобрување на нечие здравје преку откривањето со брисевите и самата вакцинација. И така се сетирав дека еве, имам една значајна улога во целата оваа ситуација. И многу лесно се прилагодив, се наместив, за да функционирам како што функционирам веќе 16 месеци“, вели тој.
Пандемијата беше поттик и за креирање на платформата „Вејс то хелп“, кога неколкумина ентузијасти се собраа и побараа од граѓаните да донираат за најсиморашните, на тој начин што ќе им ја платат сметката за струја или вода. Александра Манолчева, оперативен менаџер на платформата, вели дека тоа што ја тера напред е токму среќата која ја донесле кај многу семејства.
„Ако не почнеме од нас, нема од кој. Мислам дека тоа што би ги придвижило младите, и било кој друг, е тоа дека има надеж да се постигне нешто. Значи кога ќе почнеш више, тоа е како река која те бутка напред, и со нови и нови приказни… Тоа е навистина голема мотивација, сите тие промени кои ги правиме кај фамилиите – колку само од дома седејќи, со пижами пред компјутер, успеавме да вратиме волја за живот кај некого. Тоа е најголема мотивација“, вели Александра.
И Стефан Алексиќ е млад човек кој не може да седи мирен кога гледа можности околу себе. Тој е дел од еко-платформата „Челинџер“, која дава награди за сите што одат пешки или ќе возат велосипед место автомобил или друго возило што ја загадува животната средина. Според него, најголемиот проблем за младите во земјава, и за активизам и за водење бизнис, е тоа што се парализирани можноста за неуспех.
„Во Македонија треба да им се даде шансата на младите да не биде страшно да не успеат, бидејќи ние многу се плашиме од неуспехот. Бидејќи ако земеш некоја идеја да ја работиш, да речеме да отвориш бизнис или да пројдеш низ сите тие бирократии, отворањето е тешно, ама затворањето е уште потешко. И целата таа стигма за неуспех која доаѓа од заедницата, прави уште од самиот старт некоја анксиозност да не ги правиме тие работи. Кај нас треба да стане лесно да се не-успее, со цел да се охрабруваме да почнеме да пробуваме“, смета Стефан.
За Петар Антевски од Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“, кои почнаа да создаваат претстава без никаква поддршка среде пандемија, многу е важно младите да веруваат во своите соништа и да тргнат напред, кон нивна реализација, без оглед на исходот.
„Мислам дека секој треба да сфати дека како единки сме дел од целото ова општество и дека не секогаш ќе има да дојде некој да дојде и да ги извлече лугето од дома за да прават работи што сакаат да ги прават. Сметам дека секој треба да ја најде жарта во себе, да ги променува работите, и да почне да го прави она што вистински сака да го направи. Мене никогаш не ми било предизвик да бидам дел од институцијата, сум сакал да создадам нешто свое затоа што сметам дека само вака имам слобода да ги кажам работите онакви какви што се и онака како што јас замислувам дека можеби треба да бидат. Мојата работа сакам да биде пример за тоа како заедно да направиме целината да ни биде убава на сите, и на сите да ни одговара“, вели Петар.
Слободната и критичка мисла, активизмот и желбата за поубаво општесво, ги мотивираа младите во голем број и оваа година да дојдат на енгејџ, за да се мотивираат и инспираат и самите да направат промени за подобро утре. Ако деветтиот Енгејџ се случи непосредно пред почетокот на пандемијата, десеттиот јубилеен, фрли искра надеж дека можеби конечно ќе имаме можност да се вратиме на познатото секојдневие, без карантини, полициски часови и страв од непознатото.
Јасмина Јакимова