Здружението на граѓани „Еко Логик“, преку програмата „Вело училишта“, изминативе години се обидува да го зголеми и унапреди знаењето на темите велосипедизам, одржлив транспорт и безбедност во сообраќајот кај децата, родителите, наставниците и пошироката јавност во Македонија. Оттука, претседателот на Здружението, Никола Нешкоски, во интервју за Радио МОФ зборува за тоа како велосипедизмот повеќе да влезе во училиштата, што е потребно да овозможат образовните установи и институциите за ваквата едукација, но дава и поширока слика за политиките за генерален развој на велосипедизмот.
Најпрво, да прашаме, зошто се концентрирате на велосипедизмот, кои се бенефитите?
Изборот на тема на која ќе работиме со децата, нивните родители и наставници беше многу лесен. „Еко Логик“ како организација работи активно во поле на неформално образование на тема животна средина, при што климатски промени и аерозагадување се дел од темите кои ги опфаќаме, а се теми кои се дирекитно поврзани и со начинот на транспорт. Дополнително, секое дете, во одреден период од животот се сретнува со велосиепдот, некое порано, некое подоцна – но сите деца имаат афинитет кон велосиепедот, на почетокот како играчка, подоцна како спорт и начин на транспорт. Од друга страна, можеби малку пристрасно, ама јас лично сум одамна вљубен во возењето велосипед, на работа, на планина, ама буквално секаде и секогаш…на овој начин се поклопија коцките и започна приказната на „Вело Училишта“.
Во 2020 правевте истражување кое, меѓу другото, покажа дека во над 50% од училишта темата велосипедизам е актуелна и привлечна како за учениците, така и за наставниците и родителите. Сепак, 40% од училиштата немаат услови и ресурси за велосипедски активности. Што е потребно да се подобри оваа статистика?
Да, нашите истражувања во кои ги вклучивме училиштата покажуваат ветувачки информации, во насока на тоа дека наставниците и родителите се заинтерсирани за велосипедски активности, во и надвор од училница. Од друга страна, потребата од дополнително знаење за темата од страна на наставниците е исто така очигледна, и ние веќе почнавме да работиме и на ова – зајакнување на нивните капацитети. Од есен натаму следат интензивни обуки за наставниците, но и за родителите. Во поглед на училишните услови и ресурси за организирање на велосипедски активности, истите може многу едноставно да се зголемат и унапредат, но тука треба вклучување од страна на државата – акцент ставам на локалните власти (општините) кои се надлежни за училиштата. Паркинзи за велосипеди, вело полигони, велосипеди и дополнителна опрема треба да има во секое училиште, во доволен број со цел непречено да се реализираат вело активности. Останати ресурси – активнoсти, насоки и знаење се обезбедува од наша страна, но и дел од претходно споменатите ресурси – како награди кои ги доделуваме преку отворени повици и натпревари кои ги организираме помеѓу училиштата.
Kако би можел велосипедизмот да влезе во училиштата? Преку вело-секции, некакви наставни или воннаставни активности во редовното образование?
Во моментов велосипедизмот се обработува и интегрира во училиштата преку нашата програма, која може да се реализира примарно преку вело секции и воннаставни активности. Ова е и наша цел за во блиска иднина, да имаме структуирано образование за велосипедизам во училиштата. На нашата веб страна www.veloschools.mk училиштата веќе си имаат креирано свои профили преку кои имаат пристап до различни активнoсти кои можат да ги реализираат во и надвор од училница. Во иднина план ни е да ги сортираме сите досегашни активности, но и да креираме нови кои ќе бидат вметнати во различни воннаставни програми достапни за училиштата. Чекор по чекор, и ова ќе биде реализирано. Нема сомнеж околу тоа.
Треба ли акцент да се стави и на пoголемо изучување на сообраќајните велосипедските правила во училиштата, бидејќи, искуствата кажуваат дека не само возачите на автобили прават прекршоци…?
Да, без дискусија. Затоа и во нашите активности подеднакво внимание даваме на темата „безбедност во сообраќај“ бидејки една од целите ни е да имаме што е можно повеќе дечиња на велосипеди, кои возат и се вклучени во сообраќајот на безбеден начин. Темата сообраќај учениците ја изучуваат како дел од предметот техничко образование, но според мене застапеноста на истата е премала. Треба многу повеќе да се дискутирс за безбедноста во сообраќајот и типовите на транспорт со учениците.
Во пресрет на откажаната настава, „Еко Логик“ повика за вклучување и надополнување на вашaтa онлајн платформа „Вело училишта“. Дали пандемијата можеби отвори потреба, но и можност за различна едукација и развој на вештините на младите?
Да да, ситуацијата со КОВИД-19 ни наметна да ги трансформираме нашите активности, и со вело училиштата, но и останатите активности. Прв чекор беше целосно да ги дигитализираме нашите едукативни материјали, со акцент на едукативните игри – кои сега ги имаме и во физичка и во дигитална верзија. Од друга страна, активностите со наставниците продолжија онлајн, прелку онлајн состанови и онлајн обуки, и ова не претставуваше проблем за никој. Во поглед на активностите со деца, иако со голем ризик, но со запазување на сите мерки и протоколи, ние продолживме да ги реализириаме т.н „Вело Родео“ настани, како дел од нашите стандардни „Вело Родео Турнеи“, каде посетуваме различни градови и села низ Македонија. И, истите поминаа фантастично, децата беа презадоволни што повторно имаат дружба, за што кажува и следниов коментар на една ученичка од Демир Капија: „Од што ми беше убаво за момент заборавив дека постои вирусот“. За ова постоиме.
Имавте анкета со ученици на возраст од 15 до 17 години, на ниво на Град Скопје. Што велат средношколците, што највеќе им смета за да можат непречено да возат точак?
Немање доволно велосипедски патеки, узурпирани велосиепедски патеки, некултурни и несовесни возачи на моторни возила итн. Листата е долга… за жал.
Овие препреки веројатно можат да се решат. Истовремено, градовите да станат помалку автоцентрични, а повеќе функционални за велосипедизам. Но, како – со подобри политики, повеќе средства за инфраструктура…?
Секако. Политиките и законите освен што треба да се подобрат, треба и да се практикуваат. Се додека се се става само на хартија, а слабо во пракса – се дотогаш ќе имаме автоцентричен град, воедно и небезбеден град за пешаци и велосипедисти. Мене ме чуди тоа што имаме од кого да учиме. Постојат градови низ Европа кои се одлични приемри како треба и може да се насочиме кон градови кои се привлечни, безбедни и фокусирани на пешаците и велосиепдистите. Но, засега локалните власти упорно не (сакаат) го гледаат ова. Многу бавно ни оди процесот на трансформација кон bike friendly градови. Многу бавно.
Досега во Скопје се организираа неколку „Денови без автомобили“. Но, сепак, сето тоа како да беше декларативно, кампањски. Како да се натера мнозинството барем за еден ден да ги остави моторизираните „миленици“ и да излезе од комфор зоната?
Мнозинството прави она што му се сервира. Она што во моментов се прави за да се одбележи т.н „Ден без автомобили“ треба да градоначалниците треба почесто и поинтензивно да сервираат активности и пристапи кои се насочени кон привлекување на повеќе луѓе кои печачат и/или возат велосиед, во еден зелен град. Во моментов тоа не го гледаме, ни во Скопје, ни во други градови. Факт е дека се креираат/реновираат нови патеки, но не е доволно. Треба уште, треба повеќе.
На крајот, да се вратиме на почетокот. Активностите, поточно идните планови за „Вело училишта“ и „Еко логик“ во поглед на одржливиот транспорт?
Е, и тука листата е долга, овој пат за среќа. :) „Eко Логик“ преку својата програма „Вело Училишта“ во иднина планира да се посвети на интензивни активности за градење и зајакнување на капацитети на училишта, наставници, ученици и родители – во поле на велосипедизам, преку сеопфатен пристап кој вклучува и обработка на темите: одржлив транспорт, спорт и рекреација, климатски промени и животна средина, но и теми од областа на вештини на 21виот век (тимска работа, критичко размислување, креативност, комуникација и соработка, медиумска писменост и др.). Во овие активности предвидено е да се изготви официјална програма за образование за велосипедизам (сеопфатно!), обуки за наставници, и многу Вело Родео Турнеи.
Во поглед на нашите активности наменети за возрасни, би сакал да истакнам дека пред извесно време започнавме со реализација на еден проект за мотивирање на возрасните за возење на велосипед преку зголемување на нивните вештини и знаења за базично, замостојно одржување на своите велосиепди, и се ова низ уметнички фокус. Но, ајде да оставиме времето да покаже што се ќе се случува во блиска иднина.
Дополнителни активности во моментов не можам да откријам, но можам да кажам дека ќе има многу изненадувања за сите вљубеници во велосипедизмот.
Бојан Шашевски