Агенцијата за млади и спорт ја објави листата на младински службеници, чие назначување беше обврска донесена со новиот Закон за младинско учество и младински политики, познат во јавноста и како Законот за млади.
За остварување на правото на слободно организирање, како и полесен пристап до информациите кои се од интерес на младите, во Законот за младинско учество и младински политики беше предвидено воспоставување на службеник за млади во сите органи на државна управа, како и во општините и општините во Градот Скопје и Градот Скопје.
Инаку, рокот за назначување службеник за млади беше крајот на месец јануари, но овој рок беше испочтуван само во неколку општини. Сепак, како што може да се види од објавената листа, иако во моментов органите на државна управа и институциите одредија кој ќе биде службеник за млади, во дел од општините се уште нема вакви службеници. Меѓу нив се и Град Скопје, Гостивар, Арачиново, Гази Баба, Македонски Брод…
Со назначувањето на службеникот за млади во државните и локални институции, младите ќе ги пречекува „службеник за млади“ кој ќе им ги одговара прашањата од доменот на неговата институција, како на пример самовработувањето, програмите во министерствата и се што ги интересира, а досега немало кој подробно да им го објасни.
Службениците за млади изготвуваат годишни извештаи за работата на институциите во делокругот на млади кои ги поднесуваат до Агенцијата за млади и спорт и ги објавуваат на веб-страниците на органите на државната управа, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Листата со службеници за млади е достапна на следниот ЛИНК.
Никој не ги ферма младите – пандемијата, изборите и апатијата ги закочија младинските политики