10 јуни, последниот ден од учебната година, постарите генерации го паметат по некои непишани традиции, како прскање со вода во училишните дворови и населбите, ослободување од товарот на учебниците и општонародна интергенерациска веселба. Оваа учебна година, беше поинаква од останатите. Започна на 1 октомври, а бројот на наставни денови беше намален од 180 на 159. Наставата се одржуваше хибридно поради пандемијата, дел од учениците одеа на настава, но поголемиот дел од нив наставата ја проследија онлајн, на далечина.
Токму на последниот ден од учебната година, Радио МОФ одлучи да направи Инстаграм анкета, ги прашавме учениците како би ја оцениле учебната година, што издвојуваат како најдобро, а што како најлошо од учебните денови и како сакаат да ја следат наредната година од образованието – онлајн или во живо?
Доволен (2)
Просечно, учениците на Инстаграм ја оценуваат учебната година 2020/2021 со доволен (2). Велат, „беше добра на некои начини, ама кога нема дружба – не е исто, не е интересно“.
Комично одговараат дека најдоброто нешто што го издвоиле од неа е тоа што завршила, иако набројуваат и дел позитивни работи, како намалување на физичкото врсничко насилство и тоа што можеле да поспијат малку повеќе до почетокот на часовите. Од останатите одговори пак не отсуствува сарказмот – постојано провејува одговорот дека најдоброто во врска со оваа учебна година е тоа што можело да се препишува.
Она што го издвојуваат како најлошо во врска со учебната година е стресот и неорганизираноста. Велат „немаше дружба, не се учеше убаво, беше ментално исцрпувачки и за нас и за професорите“. Еден од одговорите ги наведува нереалните стандарди, неправилност и нерегуларности, додека пак друга ученичка вели дека цела година била без внимание и мотивација. Одговори кои исто така се почести е дека се разочарани од најавата за скратена програма, која според нив, не се остварила.
Оттука, поголемиот дел од учениците кои одговорија на нашата Инстаграм анкета, посакуваат наредната учебна година да биде со физичко присуство.
Успешен и заеднички одговор на учебниот предизвик
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес се обрати токму по повод крајот на учебната година. Во своето обраќање нагласи дека учебната 2020/2021 претставувувала предизвик на кој заеднички и успешно одговориле сите. Таа истакна дека учениците добиле квалитетна настава и непрекинат воспитно-образовен процес, а нивното здравје, безбедност и благосостојба биле заштитени.
„Цврсто верувам дека со здружени сили сè може да се постигне полесно. Благодарение на вашиот заеднички придонес во овој процес, ова уште еднаш се докажа. И во овие услови, создадовме сплотена, грижлива и поддржувачка заедница со една цел – учениците да добијат квалитетно образование, а нивното здравје и безбедност да останат заштитени“, рече Царовска.
Царовска истакна и посебна гордост кон учебниците, забележувајќи дека иако непосредната комуникација со соучениците и наставниците тешко може да се замени, тие работеле непорно, па при наставата од далечина покажале висока продуктивност и одлични резултати. Царовска дополни дека недостатоците од знаењата кои се појавиле поради условите ќе заеднички ќе се обидат да ги надминат следната учебна година.
Отсуство на стручна служба во време на онлајн настава
Истражувањето на „Реактор“ насловено „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“, кое беше презентирано пред неколку дена, укажа на бројните предизвици во образовниот процес организиран во пандемија.
Родителите на децата кои продолжиле со образованието онлајн, го нагласиле недостигот од психолози и педагози. Над 70 отсто изјавиле дека нивните деца никогаш не добиле никаква поддршка, мотивација или ресурси за справување со стресот и социјалната изолација. Дури над 90 отсто од родителите рекле дека никогаш не биле контактирани од службите за поддршка за да проверат дали има потреба од таква поддршка.
Родителите од економски загрозените заедници, се соочиле со значителни тешкотии во пристапот до образование. Превозот до и од училиште честопати бил запрен, а нивните деца добивале само „офлајн“ материјали и никакви средства за пристап до мрежни платформи и содржини.
68 отсто од наставниците го оцениле квалитетот на наставата со физичко присуство како добар или одличен, а 78 отсто известуваат дека биле во можност да ги исполнат целите од наставните програми додека биле на училиште и покрај пократкото време на настава. Мнозинството наставници, 88 отсто, изјавиле дека морале да работат во слободното време само за да фатат чекор со основните барања.
Значителен број наставници известувале дека не биле во можност да контактираат со некои од своите ученици во одреден момент од учебната година. Овој број бил намален на 63 отсто во споредба со 77 отсто во претходната учебна година.
Над половина од родителите известуваат дека нивните деца не се соочувале со никакви тешкотии кога биле на училиште. Освен тоа, родителите на децата кои физички посетувале училиште биле значително позадоволни од работата на наставниците и работата на училиштето воопшто.
Истражувањето опфатило искуства и ставови на околу 15.000 испитаници, содржи и наоди кои се базираат на онлајн-анкети, насочени интервјуа и фокус-групи спроведени во периодот јуни и декември 2020 година.
И.С.