Во рамки на фестивалот „Прво па женско 9“, вечерва со почеток од 19:30 часот во Младинскиот културен центар, ќе се изведе претставата „Кожурец“, во продукција на независното здружение „АРТОПИЈА“.
Работена според вистинска приказна, претставата „Кожурец“ го отвара просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на деца.
Претставата претставува своевиден емотивен пејсаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.
Текстот и драмартугијата на „Кожурец“ се изработени од страна Билјана Радиноска и Верица Недеска. Актерската екипа на „Кожурец“ ја сочинуваат Душица Настова, Кристина Леловац, Симона Спировска и Наташа Петровиќ.
Режисерка на претставата е Билјана Радиноска.
Овогодинешната програма на „Прво па женско #9“ ја проблематизира и ѝ доделува централност на идејата за пристапност до она што се смета за јавно и за она што се гледа како приватно; го анализира јавниот дискурс во однос на она што се перцепира како јавно и расположливо средство за користење; ги разгледува јавните простори како оски за потенцијални алтернативни здружувања.
Во прашање се доведува и безбедноста на сите жени и небинарни родови малцинства, еднакво под закана во и вон системите кои би требало да би требало да пружат заштита и грижа.