Четиринаесет младински работници за првпат следеа четиримесечна обука за да добијат сертификат за занимање – Работник со млади. Иако срамежливо, општините почнаа да размислуваат за основање младински центри на нивната територија, но и да ги менуваат статутите за да формираат совети на млади. Институциите пак, иако со задоцнување од половина година ја објавија листата со младински службеници. Законот за младинско учество и младински политики, познат во јавноста како Закон за млади, една и пол година од неговото донесување, полека почнува да ја здогледува светлината на денот.
Драган Атанасов, од Сојузот за младинска работа изминатиов перид работеше на две важни работи – воспоставување стандарди за работа на младинските центри, но и препознавањето на младинската работа како посебна професија. Вели, не мора да си млад за да работиш со млади, но мора да имаш знаење.
„Значајно е да имаме сертифицарани работници за млади бидејќи за нас тоа е првиот чекор да креираме младински работници кои се препознаени од системот. Да, точно е со години нананзад не сме имале луѓе кои биле верификувани и на никаков начин сертифицирани, а сепак работеле со млади. И сега, од една страна значи дека секој кој ќе посака може да работи со млади, преку младинска организација или друг вид организација, и за тоа нема никаква контрола за квалитетот на она што се работи, за компентециите кои таа личност треба да ги исполнува. Ако работиме професионално, работиме на нивниот развој како индивидуалци и членови на заедницата, значи дека треба да имаме некое знаење, некакви вештини, да ја оствариме работата професионално и со некои со минимум стандарди на квалитет. “
Законот предвидува овие работници да работат во новите младински центри што треба да се отворат во сите општини, во следните 3,5 години. Сепак, формална едукација за вакво занимање не постои на факултетите, иако се направени првите чекори преку едукација на професори од сродните групи, како катедрата по социјална работа. Четиримесечната обуката пак која годинава ја следееше првата генариција младински работници беше бесплатна, во рамки на пилот проект. Во спротивно, кандидатите ќе требаше да платат над 1000 евра. Според Атанасов, затоа сега е важно да се направи одржлив систем, за да имаме младински работници кои ќе знаат да им помогнат на младите, по примерот на психолозите, педагозите, социјалните работници.
„Еден начин е државата да ги покрие трошоците за барем една група во годината, и тоа е модел кој функционира на пример во Србија. Друга опција би било обезбедување средства преку други фондации. Но, мене ако ме прашате , би бил најсреќен кога би можеле младинските организации да имаат доволно капацитет и самите да го финансираат тоа. Ние ако сакаме организациите да можат самите да инвестираат во доедукација и образование на нивните вработени, треба прво целиот младински сектор да го зајакнеме. А тоа не се постигнува со мали грантови, и со тоа што една или две организации ќе добијат акциски или структурен грант од Цивика, туку со сериозно финансирање на младинскиот сектор, и тоа главно од наши домашни фондови, а не од странски проекти.“
Катерина Поповска е дипломирана економистка, која скоро седум години работи во здружението „Сфера“ во Битола. Нејзиниот град влезе во пилот – проектот каде со помош на Агенцијата за млади и спорт треба да се отвори современ младински центар. Покрај Битола, во овој пилот проект влегоа Кавадарци, Велес и Куманово. Со цел да ги подобри своите знаења и можности за работа, Поповска се пријави на четиримесечната обука за да стане сертифициран младински работник.
„Засега ова е единствена можност за да се стекне ваков официјален сертификат за младински работник кај нас, бидејќи немаме ние конкретна формална едукација, на универзитетите се уште немаме можност да бидеме дипломирани младински работници, и затоа ова е највисокото ниво што може сега да го стекнеме. Од друга страна е важна оваа иницијатива на СМР, бидејќи се зголемува видливоста на младинската работа и на она што ние го работиме, а многу млади луѓе ќе научат што е она пто го работиме и нудиме за нив , и сметам дека многу полесно во иднина нас би ни пристапиле.“
Поповска појаснува дека е многу важно младите да ја препознаат нивната работа и сами да им пристапат. Од досегашното искуситво вели, интересот е огромен кога се работи за интернационални проекти и размени во странство, но драстично опаѓа кога работат на проекти на локално ниво. Затоа, смета дека е неопходно што поскоро да се отвори младинскиот центар во Битола, каде низ дружење и забава младите ќе се едуцираат и ангажираат за решавање на проблемите околу себе. На прашањето пак каков младинскиот центар посакува во Битола, таа вели:
„Младински центар кој би бил доволно голем и отворен за да можеме сите невладини организации да си ги прават своите активности таму, еден центар кој ќе биде привлечен за младите, да можат да се дружат, да даваат иницијативи за различни активности. И на овој начин, кога ние ќе им овозможиме простор на младите да се осеќаат убаво и пријатно во Битола, можеби и ќе спречиме тие да заминуваат, да ги напуштаат градот. “
Додека битолчани бараат локација, во скопската Оптина Центар се отвори првиот општински младински центар. Го доби името „Матично“, бидејќи до пред неколку години оваа зграда беше користена за венчавките на скопјани. Раководењето со просторот од неколку стотици квадратни метри, на атрактивна локација, му беше доверен на Сојузот на извидници. Владимир Костовски, генерален секретар на Сојузот, објаснува дека и да сакаат, поради недостигот на програми за едукација, речиси и да нема можност сертифицирани младински работници да работат во „Матично“. Сепак, смета дека е добро да се воспостави систем, кој ќе овозможи едукација на секој кој решил својот живот и професија да ги посвети на младите.
„Ние сме млади луѓе кои долго време работиме со млади и со програми за млади, и тоа не значи дека луѓето кои ја немаат минато таа обука го немаат потребното искуство за да се дел од тие тела на младинските центри. Прво ние ќе се фокусираме на воспоставување на структура, на процедури, добри практики, за да почне целата оваа приказна, а после да размислуваме на едукација и доедукација на млади лица кои би дошле некои наредни генерации да ги водат. Скрос сме за почитување процедури, меѓутоа нели, не е само да се почитуваат процедурите, бидејќи кога гледаме само тоа, многу време се губи, знае да има застој, гледаме да тргне работата, па да почнеме да ги имплементираме тие работи кои се дел и од законот, и од процедурите и од добрите практики.“
Младинскиот центар „Матично“ ги отвори своите врати пред еден месец, а во моментов ги планираат и активностите во него. Веруваат дека просторот ќе биде прибежиште за младите од целиот град, па и од државата. Од Општина Битола пак појаснуваат бараат простор за младински центар заедно со младинските здруженија. Додаваат и дека согласно новиот Закон, четиримечната обука за добивање сертификат за младински работник ја посетувале двајца битолчани за кои е планирано да работат во новиот центар. Катерина Поповска од Сфера е една од нив. Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа пак е уверен дека сега, кога тргна имплементацијата на новиот Закон за млади и почнува основањето младински центри, младинската работа конечно ќе стане препознаена во општеството.
Јасмина Јакимова