Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот. Уште пострашно е да се знае дека тие „набљудувачи“ доаѓаат од најголемите политички партии.
Изборната кампања за изборите во Албанија, одржани на 25 април годинава изнесе на виделина еден од најголемите политички скандали на оваа земја. Социјалистичката партија на власт, со премиерот Еди Рама, состави база на податоци каде се поставени личните податоци на граѓаните на Република Албанија, со цел да се знае приближно бројот на граѓани што ги поддржуваат, но и бројот на оние што не ги поддржуваат. Во овој систем биле вклучени дури и личните податоци на пратениците и политичарите на самата Социјалистичка партија. Покрај ова, овој систем располага со чувствителни лични податоци на граѓаните кои во некоја прилика можат да се користат и против нив.
Секоја политичка партија има тенденција да состави регистар, што е можно пореален за своите потенцијални гласачи, за да создаде груба идеја за можниот резултат. За таа цел се креираат списоци со имиња на гласачи поврзани со партиските структури. Овие списоци се поделени според гласачки места и врз основа на пресметките се добива приближна бројка за резултатот.
Партиски промотори
„Партиски промотори“ се нарекуваат членовите на Социјалистичката партија кои преку контакти, телефонски повици или познаници создаваат идеја за политичките убедувања на граѓаните во Албанија. Системот на партиски промотори се користел и на претходните избори во минатото, но разликата од „третиот мандат“ е тоа што во минатото податоците за потенцијалните гласачи се собираа доброволно. Базата на податоци што денес ја користи Социјалистичката партија содржи сензитивни информации за албанските граѓани, собрани на нелегален начин, и злоупотребени во изборната кампања.
Оваа база на податоци вклучува податоци за работната кариера на гласачите, нивните верски убедувања, даночните пријави, телефонските броеви, е-маил адресите, броевите за социјално осигурување, сексуалната ориентација и медицинската евиденција, како и коментари како: „Овој гласач неодамна праша дали може да ја вработи својата сестра или сопруга во државна институција (…) е пријател на (…), нема добри односи со (….), коментира и лајкува на Фејсбук.
Премиерот Еди Рама првично не даде ниту еден коментар за веста, за потоа да признае дека социјалистичката партија има изработено „систем“ со цел да собира информации за нејзините приврзаници (но, дека овој проблематичниот, е некој друг постар систем, односно датабаза на податоци). Но, после изборите, кога беше очигледно дека партијата што ја предводи победи на изборите, Рама истакна: „Активистите завршија многу добра работа, ги поканувам да излезат на плоштадот Скендербег за да ја прославиме сите заедно победата“, ставајќи точка на сите дилеми околу прашањето дали владата го следи или не општествениот и политичкиот живот на граѓаните. Еди Рама, кој беше потврден по трет пат како премиер, и неговите главни поддржувачи во партијата, јавно ги пофалија и им се заблагодарија на партиските промотори, изјавувајќи дека завршиле подобра работа од кампањата на опозициските партии. Исто така, изјавија дека промоторите на социјалистичката партија се поефикасни од активистите и регионалните делегати на Демократската партија во Албанија.
Кражбата/злоупотребата на личните податоци за политички цели предизвика гнев кај граѓаните кои се чувствуваат злоупотребени од нивната држава. Во една демократска држава за заштита на било кое право, граѓаните бараат заштита и помош во државните институции, институции кои всушност покажаа дека го гледаат граѓанинот едноставно како статистички број. Се покажа дека овие податоци се земени/добиени од порталот E-Albania, кој служи како дигитален портал преку кој секое заинтересирано лице може да добие електронски услуги онлајн, кои ги нудат јавните институции во Албанија.
Порталот исто така обезбедува детални информации од јавен карактер (лиценци, дозволи, овластувања, сертификати, решенија и слично), потребната документација, постапката што треба да се следи, работното време и локациите на административните канцеларии, контактите, како и официјалната веб-страница на институцијата што ја обезбедува соодветната услуга. Од ова може да заклучиме дека доколку некој има пристап на овој портал, тогаш тој/таа има директен пристап и до релевантни податоци за секој граѓанин. Вреди да се спомене дека самиот премиер Еди Рама беше тој што го охрабруваше масовното користење на овој портал и го рекламираше неговото воведување како едно од најголемите достигнувања во олеснувањето на административните процедури во Албанија.
Спомени од комунистичкиот режим
Постоењето на оваа база со толку многу голем број на податоци е политички криминал. Во Албанија, спомените од комунистичкиот режим сè уште се свежи. Државната безбедност ги следеше сите граѓани, барајќи информации за нивните односи со семејството, братучедите, колегите и жителите на областа каде што живееле. Државната безбедност беше толку ефективна што граѓаните се плашеа и од сопствените мисли. Слично е и денес, каде што не можете слободно да го искажете своето мислење затоа што партискиот промотор/активист ве држи под опсервација и се информира за сè што ви се случува. Сите овие информации еден ден ќе и служат на државата да знае кои граѓани се на нивна страна и на кои граѓани треба да им помогне. Земјоделците кои преку овој систем потврдиле дека не се поддржувачи на власта, не добиле државни субвенции или биле неправедно казнети. Ова е еден од многуте случаи во кои тие што не ја поддржуваат владата добиваат глоби кои можат лесно да ги банкротираат.
Страшно е да се помисли дека некој со години се распрашува, истражува, следи, прислушува на социјалните мрежи, слично како во реалниот живот. Партискиот промотор/активист, покрај тоа што знае каде живеат гласачите, со кого живеат, што прават во слободно време, кои се нивните пријатели и партнери, се информира и ги проверува и социјалните мрежи како што е Фејсбук, и собира „докази“ за граѓаните.
Овој систем првично беше воспоставен во 2012 година, како подготовка за изборите во 2013 година. Во тоа време, системот имаше само податоци собрани од социјалистичките организации и избирачкиот список добиен од Министерството за внатрешни работи и Централната изборна комисија на Албанија. Откако Социјалистичката партија победи на изборите во 2013 година, оваа база на податоци беше пополнета со разни државни податоци сè до денес. Системот во моментов работи на две нивоа. Во првото ниво се собираат податоците за политичарите на Социјалистичката партија, додека во второто ниво, кое е полесно да се примени, се собираат податоците за граѓаните на Република Албанија.
Немајќи можност да се пожалат во некоја институција, многу граѓани го пријавија овој феномен на своите социјални мрежи, а некои дури ги поканија промоторите/активистите на состанок со цел да се запознаат со личноста што ги набљудувала со години (активистите не се одзваа на поканата). Немаше протести затоа што граѓаните се чувствуваат толку уморни што не веруваат дека ќе ја решат ситуацијата на тој начин.
Некој мора да сноси одговорност
Демократската партија и другите опозициски сили се обратија до судот и обвинителството барајќи законски да ја следат ситуацијата. Кражбата/злоупотребата на лични податоци од страна на државата не може да се остави само со осудување на социјалните мрежи, згора на тоа кога владејачката гарнитура јавно ќе признае и ќе им се заблагодарува на промоторите/активистите за сработеното. Постоењето на оваа база на податоци ќе влијае негативно на процесот на пристапување на Албанија во Европската унија.
Претставниците на мисијата на ОБСЕ во Албанија изјавија дека бараат од обвинителството да го испита настанот, сметајќи дека е неприфатливо да се искористи државната администрација во изборната кампања и кражбата на лични податоци, воедно споменувајќи дека некои од промоторите/активистите се вработени токму во државната администрација. Амбасадата на САД и Амбасадата на Кралството Холандија со седиште во Тирана исто така побараа истрага за оваа база на податоци. Како ќе се одвиваат настаните понатаму, се очекува да видиме во наредните недели и месеци.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.