Рап групата „Куп де Грас“ денеска во кафулето Котур ќе го промовираат својот албум „Пактот“, а промоцијата ќе започне во 20 часот. „Куп де грас“ се Венко Шереметкоски (ВенаВеном) и Атанаско Котарски (Атанасие).
Токму Венко Шереметковски истакнува дека се надева повеќето луѓе ќе го паметат денешниот датум, колку по надежната победа на првиот македонски натпревар на Европско, толку и по промоцијата на „Пактот“.
„Албумот се состои од 10 песни, а по него стига и нов бран. Албумот е снимен во студиото „Соулментал“ („Зад Аголот“), продукцијата и аранжманот се на Дарко Димитриевски, а за микс и мастер се погрижи Ване Ивановски. На сите ќе им бидеме засекогаш благодарни. На албумот како вокали гостуваат и Паки, Страјк и ВецВајсВерс. Скречови остави Горан Ристовски (DJ Drama), а за спотовите големо благодарам до Бранко Блажевски (Ротосотоп) и Тодор Тодоровски (Late Night Cuts). Голем поздрав до нашиот голем човек, и секогаш во прв ред Максо“, вели Шереметковски.
Ведран Шурбановски кој создава под псевдонимот „ВецВајсВерс“, вели дека му е особена чест што гостува на албумот со песна за неговата населба Тафталиџе – „Тафта крафт“.
„Тематика на песната се маалските улични вештини како што се графити, рап, баскет, скејт и целиот маалски живот и другарство. Благодарност до момците од „Куп де грас“ и „Соулментал“ за дадениот простор во овој албум“, истакнува Шурбановски.
Албумот ќе биде достапен на продажба по цена од 300 денари.
И.С.