Тренирање, вежбање и одржување здрави навики беше мотото на вчерашната традиционална трка „ХалкЕко Скопје Трча 10КМ“, на која учествуваат околу 1.000 тркачи. Трката започна и заврши на булевар „Илинден“, пред фонтаната „Лотос“, а а дел од патеката се движеше и по „Партизански Одреди“.
Победник во машката категорија на овогодинешната десеткилометарска трка е Дарио Ивановски, на второто место се најде Леонид Вандевски, а третото место му припадна на Атанас Анчевски.
Од женските прва беше Адријана Поп Арсова, второто место го зеде Биљана Кираџиева и на третото место заврши Милјана Ристиќ.
„Скопје Трча 10КМ, како трка која се одржува од 2017 година, успева да ги сплоти најдобрите тркачи и љубители на спортот. Сите натпреварувачи кои учествуваа на овогодинешната трка се спортисти во одлична форма, кои вежбаат со месеци“, истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.
„Навистина е голема радоста што повторно имавме можност да организираме спортски настан низ скопските улици, со сигурност можам да кажам дека навистина недостасуваа спортски настани, а тоа го докажаа и учесниците на денешната трка. Многу ни е драго што позитивната енергија и спортскиот дух, се прошири низ цело Скопје“ истакна Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопскиот маратон.
Трката беше организирана според безбедносни протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите.
Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот Клуб „Работнички“ од Скопје и насловениот спонзор HalkBank, а генерален покровител на трката е Агенцијата за Млади и Спорт на Р. С. Македонија. Оваа трка е дел од календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА).