Лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј ја стави во функција новата аналитичка опрема која ќе се користи за независен мониторинг и контрола на ефектите на чистењето на линданот во ОХИС на животната средина, информираше Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Опремата која е во вредност од 94 илјади американски долари, како донација од Кралството Норвешка, меѓудругото, се состои од гасен хроматограф, семплери, концентратори, лабораториска опрема и растворувачи.
„Изминатите две години, Норвешка обезбеди значителна поддршка на процесот на чистење на линданот во ОХИС. Заедно со Владата, го воспоставивме Мулти-партнерскиот фонд за животна средина за ОХИС кој го раководи УНОПС. Досега дониравме 1,5 милиони евра во фондот кој има за цел да раководи со оваа сложена операција за чистење. Убедни сме дека со нашата поддршка, како и поддршката на пошироката заедница, ова долгогодишно прашање од областа на животната средина ќе биде решено“, изјави Геир Јохансен, заменик-амбасадор на Кралството Норвешка.
Ваквата опрема, како што посочуваат од МЖСПП ќе ги зајакне локалните капацитети за заштита на животната средина, бидејќи истовремено лабораторијата, како што велат ќе функционира и како истражувачка лабораторија за развој на методи за анализа на пестициди и останати органски загадувачи.
Исто така, тие истакнуваат дека таа ќе обезбеди услуги кои ќе може да ги користат јавните тела за мониторинг на животната средина како и пошироката заедница.