Сите 19 вработени лица во еден ресторан за брза храна во Лахоре, Пакистан беа уапсени затоа што минатата недела не сакале да им дадат бесплатни хамбургери на група полицајци, пренесува „Би-Би-Си“.
Тие беа приведени во саботата вечерта и ја поминаа ноќта во затвор.
„Ова не е прв пат да се случи вакво нешто во нашиот ресторан“, соопштија од ланецот на ресторани за брза храна.
Во инцидентот беа вклучени девет полицајци кои сега се суспендирани.
„Никој не смее да го земе законот во свои раце, неправдата нема да се толерира. Сите ќе бидат казнети“, напиша на Твитер официјално лице од провинциската полиција.
Според соопштението кое ланецот „Џони и Џангу“ го објави на Фејсбук, групата полицајци дошле во ресторанот два дена пред инцидентот и побарале бесплатни хамбургери.
„Бидејќи беа одбиени да добијат бесплатни хамбургери, нешто што кај нив стана вообичаена практика, полицијата му се закани на нашиот менаџер и си замина, само за следниот ден да се вратат и да продолжат да го малтретираат и притискаат нашиот тим со бесмислени аргументи“, се вели во соопштението на ланецот.
Истовремено, таму се наведува дека на 11 јуни, „некои од полицајците дошле во ресторанот и го привеле менаџерот, без да дадат причина за такво нешто. Потоа ги одведоа и сите останати кои беа на смена, вклучително и вработените во кујната и другите менаџери“.
Работниците биле задржани во притвор седум часа и изјавиле дека полицајците ги „малтретирале, туркале, и тоа само поради тоа што не сакале да им дадат бесплатни хамбургери“.
Премиерот на Пакистан, Имран Кан претходно повика на реформа на полициските сили во регионот Панџаб, наведувајќи дека локалните политичарите назначиле луѓе блиски до нив да управуваат со полициските станици.