Денешниот живот во услови на пандемија се повеќе го поттикнува прашањето за здравиот живот и кои се неговите опции. Истражувањата покажуваат дека престојот и животот во природата е една од опциите. Дали е возможна значајна промена кај македонскиот граѓанин кој би се свртел кон населување на запуштените села или кон живот во природа надвор од населени места? Кои се предности а кои недостатоци на животот во природа надвор од градовите?
Вака гласи дел од повикот на ХОПС за двајца млади уметници до 35 години, кои темата живот на природа ќе ја истражуваат во рамките на нивниот резенденцијален изолациски престој од 17 дена во природа, надвор од населени места.
„Резиденцијалниот престој ќе се реализира во Вила Преведена во периодот од 29 јуни до 16 јули. Вилата Преведена се наоѓа на 1.200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица. Ова место е изолирано во планината и нуди извонредни можности за творење и истражување на темата живот во природа. Во близина живеат 2 фамилии и тие за уметниците можат да бидат извор на информации за темата. Најблиското населено место е беровското село Двориште кое се наоѓа на 8 километри од местото Преведена. Уметниците ќе можат да го посетуваат и да добијат дополнителни идеи и информации потребни за нивното творење“, стои во повикот на ХОПС.
Исто така, во текот на резиденцијата учесниците ќе имаат поддршка за нивната работа од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните 2 дена, ќе се организира видео разговор со младите уметници.
„Во договор со уметниците во месец октомври или ноември ќе бидат организирани две виртуелни (онлајн изложби) на уметниците на кои ќе бидат промовирани делата креирани за време на резиденцијалниот престој.
Како услов, освен возраста до 35 години, кандидатите треба да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект. Делата кои ќе ги изработуваат за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од следниве форми на визуелна уметност: Фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт.
Со пријавата да се достават најмалку три (3) уметнички дела како портфолио, како и биографија преку електронска пошта. Исто така, Да се достави мотивационо писмо за учество на резиденцијата.
Сите млади уметници можат да се пријават преку поднесување на потребните документи на електронската пошта vlatkod@hops.org.mk.
Приоритет ќе имаат уметниците кои досега не користеле финансиски средства од Министерството за култура.
Повеќе инфо за повикот може да се дознае преку ФБ страната на ХОПС.