Деновиве сведочиме отстранување на опрема и објекти на дел од крајбрежјето на Охридското Езеро, а медиумите повторно се преплавени со истите наслови кои ги читавме и во 2019 и 2020 година. Не знаеме дали, како што беше досегашната пракса, дел од отстранетите конструкции ќе се вратат откако ќе заврши Сесијата на Комитетот за светско наследство на која ќе се разгледува напредокот на нашата држава во исполнувањето на препораките, но секако нé радува и го поддржуваме ослободувањето на брегот на Охридското Езеро. Сепак, колку и да сакаме, не можеме да ги поздравиме Охрид и Струга, уште помалку ова да го видиме како показател на правна држава во која сите се еднакви пред законите. Ваквата оцена на Премиерот е застрашувачки индикатор дека политиката на фарса продолжува, политика која сега веќе има реална шанса да доведе до неповратно уништување на вредностите и губење на нашето најголемо природно и културно богатство, се вели во јавната реакцијата на „Фронт 21/42“.
Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:
Отстранување на дел од привремените конструкции и опрема од плажите не е спроведување на препораката за справување со дивоградбите
- Во јули 2017 година УНЕСКО побара итно да се стопира легализацијата на дивоградбите во рамки на светското наследство.
По предлог на Владата, во декември 2017 Собранието година изгласа продолжување на рокот за поднесување на нови барања за легализација. Овој закон важеше до март 2021 година, но на почетокот на 2021 година, Владата предложи продолжување на истиот до 2026 година. Истовремено, Владата испрати во Собранието и втор, контроверзен нов Закон за справување со дивоградбите, кој навидум, но не и суштински, спречува легализација во рамки на светското наследство. Доколку се усвојат двата закони, не само што нема да има никакви пречки, туку до 2026 година ќе може да се легализираат и подоцна изградените дивоградби во Охридскиот Регион, а можеби и оние за кои веќе постојат правосилни одлуки за одбивање и решенија за отстранување.
- Во јули 2017 година УНЕСКО побара итно да се изработи Инвентар на сите дивоградби на територијата на светското наследство.
Во јуни 2021 година сѐ уште нема Инвентар, иако уште со стариот закон за легализација од 2011 година, сите општини (вклучувајќи ги и општините во Охрид, Струга и Дебрца) имаат законска обврска да водат регистар на поднесени барања за легализација, што е своевиден инвентар на дивоградби. Она што е направено во однос на ова барање е: во 2020 година до УНЕСКО е испратена лажна информација дека Инвентарот е изработен; потоа, во февруари 2020 Владата прво го задолжи Министерството за транспорт и врски да формира работна група за постапување по (наводно постоечкиот) Инвентар и во рок од 10 дена да достави Акциски план, за следниот месец ова задолжение да се промени во обврска да се формира работна група во рок од 7 дена, која ќе достави мапа со дивоградбите до крај на март 2020 година. Групата е формирана дури во ноември 2020 година, од одговорот и документите кои ги добивме од Министерството за транспорт може да се заклучи дека до денес сѐ уште нема Инвентар, и доколку се изработи истиот би ги вклучил само дивоградбите во појас од 50 метри од езерото и старото градско јадро на Охрид (не сите во рамките на наследството, како што бара УНЕСКО).
- Во јули 2017 година УНЕСКО побара, откако ќе се изработи Инвентарот на сите дивоградби, да се спроведат проценки на нивното влијание врз исклучителните универзални вредности на природното и на културното наследството и да се отстранат сите за кои ќе се установи дека имаат негативно влијание.
Во 2021 година нашата држава до УНЕСКО испрати лажна информација дека нема правна основа за спроведување на проценките на влијание – во реалноста директивите за проценка на влијанието врз природата се дел од нашето законодавство повеќе од една деценија и до сега се спроведени стотици проценки. Со избегнување на овој процес се избегнува објавувањето на Инвентарот и вклучување на јавноста. Без истото јавноста никогаш нема да дознае кои (или чии) дивоградби имаат негативно влијание, но сепак се „амнестирани“.
Инаку до општина Охрид се поднесени 15.939 барања за легализација на 19.935 нелегални градби, од нив 2.348 се во рамки на Националниот Парк Галичица; меѓу дивоградбите има 475 станбени згради, 358 се деловни објекти, има 22 нелегални хотели и хотелски комплекси, итн.; како сопственици на дивоградбите се појавуваат компании како Македонски Телеком, Макпетрол, ЕВН, РЕМИС, Витаминка и Ројтем Прилеп, ТТК Банка, Халк Банка, Експорт-Импорт Банка, Охридска Банка АД Охрид, Охридска Банка АД Скопје, НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка, Комерцијална Банка, Шпаркасе Банка, Народна Банка на Република Северна Македонија; дивоградби имаат и МПЦ и ИВЗ, а и Општина Охрид е сопственик на нелегални објекти на сопствената територија. Интересно е што меѓу дивоградбите на овие правни лица има и семејни куќи. Во Струга има над 10.000 барања за легализација, а дури и Државниот завод за ревизија констатира бројни законски прекршувања во постапувањата на општината во однос на нелегалните градби.
Знаејќи го сето ова, отстранување на дел од конструкциите на плажите, главната активност на нашите институции пред да заседава Комитетот за светско наследство, е многу, многу далеку од „одлучно постапување“ со дивоградбите.
Се додека власта и институциите ги кршат законите не сме ни блиску до правна држава
Поаѓајќи од фактот дека Законот за управување со Охридскиот Регион јасно дефинира дека одлуките на телата на УНЕСКО имаат сила на закон – неспроведувањето на препораката значи и прекршување на овој закон од страна на сите одговорни институции на централно и локално ниво.
Состојбата со спроведувањето на препораката за мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација е иста – со кршење на законите општините продолжуваат да носат нови урбанистички планови, а централната власт и надлежните управи, како и Комисијата за управување со Охридскиот Регион не реагираат кога испраќаме алармирачки дописи и барања за постапување како што им налагаат законите.
Со други зборови – за почеток на правната држава и законите навистина да почнат да важат за сите, првиот чекор е власта и институциите да престанат да ги кршат законите и да почнат да ги спроведуваат своите законски обврски. Сѐ уште сме многу далеку од овој прв чекор.
Наследството на лидерите на денешна Македонија
Сите лидери на сите држави кои постоеле на овој простор (вклучувајќи ја и Југославија), го пренеле Охридскиот Регион како наследство на идните генерации, од осамостојувањето на денешна Македонија, во 1991 година, започнува уништувањето на неговите вредности. Ова го забележува и Реактивната мисија на УНЕСКО од 2020 година, која констатира дека поради трансформациите (а особено урбанизацијата) во последните три децении, денес светското наследство е во толку лоша состојба, што е блиску до точка после која нема враќање.
Исходот на одлуките кои ги носеле и носат и одлуките кои избегнуваат да ги донесат лидерите на независна Македонија е два пати повторената оценка на експертите на УНЕСКО: „Охридскиот Регион ги задоволува критериумите да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност“ – прво во 2019, и сега повторно во 2021 година.
Дури и да се стави Охридскиот Регион на Листата на светски наследства во опасност и светот да направи се што може за да го спаси, мерките сепак ќе мора да ги спроведе државата. Од сѐ што сведочиме од 2015та година до денес, не гледаме никаква основа да веруваме дека власта (која и да е) има капацитет да го надмине прагот на „битно да покажеме дека се грижиме и нешто правиме“ и навистина да почне да се грижи, ниту да увиди дека употребната вредност на милиони години старо уникатно светско богатство е далеку повисока од дневно-политичките потреби за промоција на партијата (која и да е) и личните интереси на нејзините членови.