Основниот граѓански суд 2 Скопје пресудил дека Министерството за здравство извршило дискриминација врз малолетни Роми кои имаат проблеми со зависност од дроги, со тоа што не им обезбедило третман или рехабилитација, информираат од Европскиот центар за правата на ромите (ЕЦПР).
Истовремено, министерството, како што додаваат, добило наредба да усвои конкретна програма за третман на деца корисници на дроги во рок од три месеци по донесувањето на пресудата во судската постапка покрената од ЕЦПР во име на ромски деца на кои им било негирано правото на еднаков пристап до здравствена заштита.
„Недостиг на третман за малолетници е проблем што се провлекува со години, а како резултат на тоа се губат животи на млади Роми. Во меѓувреме, здравствените институции тврдат дека тие не се во можност да лекуваат малолетни зависници. Оваа пресуда треба да го вклучи алармот за итната потреба за воспоставување специјална програма за третман на овие деца. Нема повеќе време за чекање. Главната одговорност за тоа е кај Министерството за здравство“, вели Сенада Сали, менаџер за правни работи во ЕЦПР.
Претходно, на 22 март, судот ја прифати тужбата на ЕЦПР дека ромските деца се подложени на индиректна дискриминација со тоа што не им се обезбедува третман за зависност од дроги.
„Судот пресуди дека во Северна Македонија на децата кои имаат проблеми со зависност од дроги им е прекршено правото на еднаквост врз основа на нивната возраст и врз основа на нивниот статус како маргинализирана група на деца корисници на дроги. Судот потврди дека ромските деца кои имаат проблеми со зависност од дроги се дополнително индиректно дискриминирани врз основа на нивната етничка припадност и преголемата застапеност меѓу децата корисници на дроги“, додаваат од ЕЦПР.
Инаку, тужбата беше поднесена од страна на ЕЦПР во април минатата година, по собирањето докази од локалниот сервисен центар на организацијата ХОПС, како и од Народниот правобранител на РСМ, кој подоцна се појави како сведок во постапката, објаснуваат од ЕЦПР.
Истовремено, во судот сведочеше и родител на двајца малолетни корисници на дрога, за нејзината неможност да ги однесе децата во здравствен центар каде ќе добијат третман, додаваат тие.
Според невладината организација ХОПС, дури 40% од корисницните на нивниот центар се од ромска националност, а од ЕСЧП велат дека во земјава, мнозинството деца кои користат дроги и супстанци што создаваат зависност се ромски деца изложени на социјален ризик, кои се на улица или без родителска грижа.
„ЕЦПР покрена неколку судски постапки во кои тужителите се ромски семејства што се соочуваат со проблемот на малолетничка зависност од дроги. Програмата за лекување, наложена во судската пресуда, треба да вклучи мултидисциплинарен приод и тим. Дополнително, Министерството за здравство е должно да отвори Центар за лекување деца кои користат психотропни супстанци, како и специјализирана здравствена установа за третман и нега на малолетни зависници од дроги. Во моментов, во Северна Македонија нема здравствена установа која нуди соодветна хоспитализација, третман и рехабилитација за деца кои имаат проблеми со зависност од дроги“, стои во соопштението на ЕЦПР.