ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено – црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото. На социјалните мрежи имаше коментари дека можеше лесно да биде и бело знаме.
Демократска унија за интеграција (ДУИ), е формирана во 2002 година, а нејзини основачи се поранешните челници на организацијата Ослободителна национална армија (ОНА), која во текот на 2001 беше во воен конфликт со полициско – воените формации на Република Македонија.
Интегративна партија
Неслучајно ќе се именува интегративна партија, бидејќи нејзините главни програмски столбови ќе бидат меѓуетничката интеграција и интеграцијата во ЕУ и НАТО. Во таа насока, по формирањето, имаше обид оваа партија да го прошири дејствувањето и во Источна Македонија. Беа формирани ограноци во Штип и Кочани, но проектот беше неуспешен, поради фактот што последиците од конфликтот сѐ уште беа свежи.
Од 2002 година до денес, ДУИ победуваше на избори исклучиво кај Албанците! На повеќето избори победата ја засноваше на програмски определби, преку кои се бараше остварување на колективните права на Албанците. Се работи за барањата кои беа дел од Охридскиот договор: правична и соодветна застапеност на заедниците, особено на Албанците и службената употреба на албанскиот јазик, паралелно со интеграцијата во меѓународните институции. Во 2011 година, лидерот на ДУИ, Али Ахмети имаше замена на приоритетите. Во име на интеграцијата во НАТО, ДУИ одлучи да се фокусира на решавањето на прашањето на името со Грција, и со тоа се откажа од етничките барања како приоритет.
ДУИ се трансформираше како профил на политичка партија зависно од типот на изборите. На парламентарните избори, со албанска иконографија и фолклор, настапуваше како етничка партија. ДУИ беше единствената партија која бараше премиер – албанец на Република Северна Македонија, план кој според коалицискиот договор, ќе се оствари во последните три месеци на владеењето на СДСМ и ДУИ во периодот од 2020 – 2024 година.
На последните претседателски избори во 2020 година, ДУИ ја нагласуваше мултиетничката димензија на општеството. Под мотото „консензуален претседател“, ДУИ го поддржуваше кандидатот на СДСМ, актуелниот претседател, Стево Пендаровски. И на последните локални избори имаше „тајна“ коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, бидејќи се поддржаа меѓусебно во мултиетничките општини.
ПР трик?
Во 2021 година, очигледно (мулти) етничката карта е истрошена и треба да се најде нова. Со зелен прашалник како ПР трик, ДУИ најави големо изненадување.
Дури и премиерот Заев се вклучи во претставувањето на големата идеја: „ДУИ ќе соопшти убава работа, убава затоа што е целосно во корелација во работењето на владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ“.
На 5 јуни, на роденденот на ДУИ, лидерот на оваа партија симболично од Градскиот парк во Скопје прогласи дека оваа партија започнува нова политика, надвор од етничките права. „Денес е ден на животната средина. Исполнет е Охридскиот договор, интеграција во НАТО, имаме правична застапеност… Се изградија учичишта, болници, театри… Време е ДУИ целосно да се фокусира на животот“, изјави Али Ахмети. Демократската унија за интеграција ја прифаќа зелената агенда како дел од европските зелени напори и ја додава на програмските столбови како приоритет.
Скромни резултати од досегашната работа
ДУИ, во повеќе мандати во владата го водеше ресорот животна средина, но резултатите од нивната работа се речиси невидливи. И општините во кои владее ДУИ не можат да се пофалат дека се нешто многу „зелени“. Напротив, во нив се гради хаотично, дури и на зелени површини!
Опозициските партии ја обвинуваа ДУИ дека наместо креирање на нови зелени површини, става бетон. „За Македонците цвеќиња, за Албанците ѕидови“ беше слоганот со кој опозицијата го критикуваше ДУИ за поставување бетонски огради на улицата Цветан Димов во скопски Чаир.
Зошто баш сега „зелена“?
Иако во секојдневната комуникација на Балканот, да си зелен не е баш за пофалба, ДУИ мафтајќи со зеленото знаме упте еднаш храбро експериментира.
Ахмети го спушта етничкото знаме, бидејќи како што минува времето, гласачите се менуваат и генерациски. Дваесет години по конфликтот се наѕира презаситеност од политиканството со етноцентризмот. На последните избори во Косово, Демократската партија на Косово, која произлезе од поранешната Ослободителна војска на Косово доживеа дебакл, а изборите убедливо (со 50 %) ги доби партијата Самоопределување, која се декларира како лева политичка опција.
Ахмети со зелената агенда сака да докаже дека охридскиот договор е заокружен во нормативно – правна смисла, иако неговото спроведување никогаш нема да заврши.
Многу е интересно да се следи како ДУИ ќе стане граѓанска – зелена партија, имајќи предвид дека нејзината политичка филозофија досега беше албанството и интеграцијата. Ќе биде можеби предмет на научно истражување како еден политички субјект со етничка платформа, со герилско минато, партија која го признава мултиетницизмот кога се работи за високи државни функции, а не се залага со конкретни чекори за концептот „едно општество“ се трансформира во партија со зелени определби.
Иако имаше коментари дека ДУИ има за цел да „владее“ со зелените фондови, тоа не е главната причина за зелената преобразба на оваа партија.
Во време кога се водат тешки разговори меѓу Косово и Србија, во период кога Босна и Херцеговина е кревка држава, Црна Гора се соочува со големи проблеми, ДУИ во Северна Македонија сe обидува да ја преземе улогата на стабилизатор на политичката сцена и на безбедноста во земјата, која влијае врз таа во регионот.
На само четири дена пред објавувањето на декретот на претседателот на САД, Џо Бајден за земјите на Западен Балкан, ДУИ испрати порака дека не само што не е против охридскиот договор, туку е во состојба истиот да го прогласи за завршена приказна. Имено, ДУИ се согласи за укинување на секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, а како компензација го доби министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Големи очекувања на следните избори
Следните локални избори се тест за зелената политика на ДУИ! Очекувањата се дека оваа политика многу тешко ќе продира кај гласачите, во време кога сѐ уште не се создадени ефикасни институционални механизми за „држава и општество за сите“, а поделбите по етничка линија сѐ уште се присутни.
ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено – црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото. На социјалните мрежи имаше коментари дека можеше лесно да биде и бело знаме.
* Сефер Тахири има докторирано на тема „Влијанието на политичките партии врз уредувачката политика на јавниот радиодифузен сервис-Македонска Радиотелевизија (1998-2006 година)“. Предава предмети од областа на медиумите и комуницирањето при Факултетот за јазици, култури и комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и на Институтот за комуникациски студии во Скопје. Тахири има 15-годишно новинарско искуство. Работел како новинар и уредник во весникот Факти, Програмата на албански јазик на МТВ, ТВ АЛСАТ-М и бил дописник на Радио Слободна Европа од Скопје – Програма на албански јазик. Има учествувано во различни истражувачки проекти во областа на медиумите и комуникациите.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.