Рударската компанија „Дебсвана“ соопшти дека во Боцвана ископале дијамант од 1.098 карати, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Компанијата му го покажала дијамантот, кој бил ископан на 1 јуни, на претседателот на Боцвана, Мокгвеетси Масиси.
„Се верува дека ова е третиот најголем дијамант во светот“, изјави директорката на компанијата, Линет Армстронг.
Компанијата управува со четири рудници за дијаманти во земјата, како и со рудник за јаглен. Ова е исто така најголемиот скапоцен камен откриен во историјата на оваа компанија.
„Овој редок и извонреден камен значи многу за контекстот на дијамантите и Боцвана. Дава надеж на нација која се бори“, рече Армстронг.
Најголемиот откриен дијамант досега има 3.106 карати и е пронајден во Јужна Африка во 1905 година, а вториот беше со 1.109 карати, откриен во североисточна Боцвана во 2015 година.