Бендот „Murman Tsuladze“ кој ги обединува француската електроника, африканските ритми и нивните грузиски корени ќе настапи на овогодишното издание на фестивалот „Здраво Млади 11“, информираат од Младинскиот културен центар (МКЦ).
Координаторот на фестивалот Владица Младеновски Грга вели дека „Мурман е тврдоглав/камен, Мурман ги држи најбујните веѓи на сцената, Мурман е артист, шармантен поет“.
„Но исто така и шиткач на летечки килими, одметник, астронаут, киднапер и спасител на женските срца воедно. Мурман е фудбалер, емигрант, карпа-човек. Во придружба на првиот сопруг на неговата тетка Zauri de Makhtchkala и другар од детството Krikor Berdzenishvilli конечно решава на светот да му ја раскаже својата животна приказна на свој уникатен начин, на грузиски јазик. Мурман е роден помеѓу Црното и Каспиското море, во земја која повеќе не постои. Денес Мурман e стациониран во градот на љубовта, светлината, модата, утре којзнае каде ќе е… Во август Мурман за прв пат ќе е во Скопје, градот на Вардар, градот на… Вардар“, вели Младеновски Грга.
Бендот се придружува на веќе најавените „Viagra Boys“, „Shortparis“, „Noga Erez“ и „Искра“.
Од МКЦ велат дека билетите за двата фестивалски денови се достапни на нивната билетарница, како и онлајн преку следниов ЛИНК. Истовремено, во следниот период најавуваат и нови изведувачи за програмата на фестивалот.