Наместо да забрани увоз на секаков тип на отпад, владата го враќа стариот закон со кој се дозволува увоз на отпад за гориво. Владата уште на 22 декември 2020 година си ја усвоила на седница измената на Законот за отпад со која повторно ќе може да се увезува отпад што ќе се користи како гориво. Тоа го направила за неполни 4 месеци откако е оформен последниот состав на владата и на 7 мај годинава го пратила во Собрание, се вели во реакцијата на граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, под чија капа функционира платформата „МојГрад“.
Од таму посочуваат дека потребни биле неполни четири месеци за Владата да ги врати старите политики со кои, велат тие, се дозволуваше огромно загадување во земјава.
„Законот дури е ставен во собраниска процедура по скратена постапка со европско знаменце, без јавна расправа. Како смее да се злоупотребува европското знаменце за измени на закони што ќе донесат огромно загадување на воздухот“, прашуваат од „Зелен хуман град“.
Според граѓанската коалиција, пратениците и партиите кои се во моменталниот состав на Собранието не смеат да дозволат земјава повторно да стане дестинација за горење отпад, ако имаат грам почит кон граѓаните на Македонија.
Тие ја потенцираат и измената на законот:
„Дозволен е увоз на отпад согласно членот 96 од овој закон што може без да претставува опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето безбедно: 1) повторно да се употреби за истата намена; 2) да се преработи или рециклира и3) да се искористи како извор на енергија“.