Австралискиот Перт изминатава недела беше домаќин на конференцијата АППЕА 2021 за нафта и гас, каде беше најавено учество на десетици компании и лобисти од овој сектор. Истовремено, активисти на „Екстиншн Ребелион“ протестираа надвор и го блокираа влезот, барајќи нула емисии и стопирање на фосилните горива.
Конференцијата беше опколена од демонстранти кои правеа врева со тапани и извици. Имаше и две активистки кои седнаа на врвот од камионче и се заклучија со околувратници, споделувајќи ги своите пораки преку мегафон, додека до нив беше поставен транспрарент со натпис „АППЕА нафта и гас – прослава на 60 години климатска деструкција“.
Во целата оваа ситуација беше ангажирана полицијата и противпоражна служба за да ги симне активистките, а потоа тие беа уапсени.
Како што информираат од „Екстиншн Ребелион Западна Австралија“, претходно уште во понеделникот нивни активисти одржаа перформанс – легнаа на земја симулирајќи мртви тела. Идејата била да се прикажат досегашните и сите идни изгубените животи како резултат на климатската криза. Други активисти играа, чукаа на тапани и играа околу нив.
Голем банер се протегаше пред влезот на конференцијата со порака „Гасот е новиот тутун“.
Изминатава среда, пак, човек пред насобраните демонстранти зборуваше дека е градежник и долго време е вклучен во движењето за животна средина, па сведочел уништување на планетата.
„Јас го видов тоа од прва рака. Се случува насекаде. Насекаде каде што ќе погледнеме, каде и да одиме, има екосистеми што пропаѓаат… Нашите деца ќе мора да живеат со она што го правиме. Ако ги сакате вашите деца, престанете да земате фосилни горива од земјата и префрлете се на обновливи извори. Ја добивме технологијата, единствено што недостасува е волјата“, рече тој.