Со чукање на тастер, пред два дена градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, на Денот на Охридското Езеро, официјално го обои коритото на реката Црн Дрим. Десетици луѓе во присуство на градоначалникот го проследија отпочнувањето на проектот за осветлување на коритото, вреден 109.809 евра кој беше означен со пукање на огномет.
Прошетката на граѓаните по кејот на реката сега ќе биде визуелно збогатена со сина, зелена и розева боја, во должина од 900 метри, од двете страни на реката, во изведба на фирмата „ТЕ-ЏИ БМ Електрик“ од селото Мислодежда.
„Браво. Тоа што е убаво, греота и срамота е да го негираме“, „Одлично“, „Браво“, „Респект“, „Прекрасно“ „Многу убаво“, се само дел од коментарите под објавата на општината на Фејсбук, изразувајќи поддршка за ваквиот проект.
Универзитетскиот професор на Институтот за урбанизам Мирослав Грчев пак, во изјава за Радио МОФ вели дека генерално, осветлувањето на природната средина е тешка агресија кон природата, за животните, билките, микроорганизмите и макроорганизмите, за кои, како што вели, сега се изложени на мачење.
„Знаете она, во филмовите и книгите кои ги евоцираат најлошите системи на мачење се негасење на светло во ќелијата на затвореникот и негово мачење на спиење и се знае тоа дека после пет, шест, седум дена се растура комплетниот систем, организам, цел распад на системот, од церебралниот, нервниот систем, потоа се распаѓаат и другите. Значи мачењето е ужасно, тоа се постигнува само со негасење на светло, најнехуман третман, мачење и практично убивање на организмите“, вели Грчев.
Истовремено, тој посочува дека градот не може да си дозволи таков луксуз, езерото, крајбрежјето и реката да не ги третира со најголема можна почит за целовитоста на биодиверзитетот и живите системи што живеат таму.
Кога се прават осветлувања и илуминации на градовите, професорот истакнува дека тоа се прави на артефициелни водени површини, односно, на фонтани, вештачки езера кои се осветлуваат на секаков начин.
„Меѓутоа, природата уствари, не би требало да се осветлува ноќе, а претпоставувам дека Дрим се третира како дел од тој природен специјален ендемски еко-систем кој што е под специјална заштита“, додава Грчев.
Тој вели и дека за таков зафат е потребна биолошка студија која непосредно треба да го докаже фактот дека нема да пречи тоа што треба да биде направено.
„Тоа се прави однапред, не откако ќе се постават, дека тоа нема да пречи на еко-системот и се прави исто така студија за влијание на животна средина, кога во овој случај, животната средина е на некои риби, микроорганизми, алги итн…“, додава Грчев.
На социјалните мрежи истовремено можеа да се забележат и повеќе коментари со кои се критикува ваквиот проект. Меѓу нив, се најде и виралната објава на биологот Кирил Арсовски во која тој истакна дека осветлувањето на речните води го менува циркадијалниот ритам на живиот свет, односно дека се губи чувството за ден и ноќ.
„Дополнително осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чуство за ориентација, комуникација и растење“, пишува во неговата Фејсбук објава.
Друг корисник на социјалната мрежа Фејсбук пак, посочи дека инаугурацијата на проектот е вистинскиот настан за да излезат сите граѓани на Струга, без разлика на нивните разлики и, како што додаде „да го исврикаат најгрдото нешто досега во Струга, во име на здравиот разум, науката и природата“.
Исто така, друг стружанец на Фејсбук коментира дека додека „крајбрежјето се бетонира“, реката, како што вели, е претворена во аквариум со подводни светла, критикувајќи дека тоа се прави без да му „трепне око“ на градоначалникот за животната средина.
Градоначалникот Мерко пак, вчера изјави дека осветлувањето воопшто не ја уништува флората и фауната, додавајќи дека сега тоа ќе изгледа уште подобро, како аквариум.
„Тоа ќе биде навистина добро за нас и за гостите кои се во Струга“, рече Мерко.
Од Општина Струга, претходно посочија дека реализацијата е исполнета согласно сите архитектонски барања и дека таа се реализира во согласност со регулативата за нормативно-техничките стандарди. Истовремено, додадоа дека инсталацијата на арматурата е изработена од не`рѓосувачки челик, отпорен на корозија.
Мартин Колоски