Од сала за венчавки до младински центар – Радио МОФ во посета на „Матично“

Кога во 2019 година извидниците побараа младински центар, на форумите што ги организираше Општина Центар за да го чуе гласот на граѓаните, тие не можеа ниту да замислат дека ќе го добијат „Матично“. Просторот од околу 600 квадрати во центарот на градот познат како некогашната сала за венчавање на скопјани, од неодамна стана младински центар чии активности ги планира Сојузот на извидници на Македонија.

Како што појаснува Владимир Костовски, генерален секретар на Сојузот, иако нивната идеја не победила на општинските форуми, сепак општината најавила дека ќе ја реализира. Дополнителен поттик за целиот процес било и усвојувањето на Законот за млади на почетотокот на 2020 година, кој ги обврза општините да основаат младински центри.

„Младите пред се немаа сигурно место, бесплатно место, место кое ќе може секој да си го користи, инклузивно место каде не се бараат средства за надоместок ако ги немаш, каде што ќе биде пристапно, со рампи за лица со попреченост, со помагала за лица со оштетен слух. Инклузивно место за сите млади, а не само за одредена група млади кои се привилегирани да учествуваат во младински програми. Од таа идеја тргнавме, да создадеме една сигурна средина за раст и развој, каде децата и младите кои ќе дојдат тука ќе почитуваат некои процедури и правила кои ние ќе ги поставиме како младински центар“, објаснува Костовски.

Тој појаснува дека Општина Центар го реновирала просторот кој бил целосно запуштен. Првично планот бил да се оспособи само големата сала за венчавки во „Матично“, но средствата се искористиле за оспособување на целиот објект, заедно со останатите административни простории.

Снежана Јанковиќ, координаторка на младинската програма на Првиот скопски извиднички одред, но и еден од креаторите на идејата за младиснкиот центар, во моментов работи на програмата која ќе ја нуди центарот. Просторот во него ќе биде поделен според потребите на младите. Така, шарената соба е замислена како „чил“ зона со забавни реквизити како фудбалче, билјард маса маса, плеј стејшн, борд игри… Жолтата соба е планирана за мала конференциска соба каде ќе може да се организираат состаноци, настани семинари до триесетина лица, со мини библиотка и неколку компјутери. Најголемата соба, односно старата сала за венчавки пак ќе биде голема конференциска сала, но и простор за свирки, ликовно колонии, поетски читања, различни работилници и настани.

„Сакаме буквално секој кој би помислил дека нешто може да прави, да дојде тука и овој простор тоа да му го овозможи“, вели Јанковиќ.

Откако начелно го добиле просторот, одлучиле и извршната канцеларија да ја преселат во „Матично“, за оттука да ги тераат сите процеси, како со извидниците, така и со креирањето програма за работата на новиот младински центар. Иако програмата за работа на центарот ќе биде готова во следните месеци, во него веќе се одржаа неколку настани. Отворени сме за сите организации, велат извидниците.

Во моментот на нашата посета, во големата сала за венчавки местеа теписи и спремаа проба членовите на ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена.

„Ќе видиме, можеби и ќе ни ги остават теписите“, низ смеа вели Јанковиќ, појасувајќи дека во моментов го опремуваат центарот со средства од проекти, но и донации. Додава дека секоја организација која има интерес може да дојде во центарот, да одржи настан, но и да донира работи кои ќе ја помогнат работата на центарот.

Како што објаснува пак Костовски, секоја донација, и на организации, но и на фирми се добредојдени во овој  момент. Запрашан како е регулирана соработката на Сојузот и Општина Центар вели дека засега немаат формален договор со општината.

„Во моментов е во сива зона, ни даваат отворени раце за ние колку можеме да го опремиме и средиме, но се обврзуваат со тек на времето ќе одвојуваат финансии во наредните ребаланси. Градоначалникот се обврза дека во наредниот период првична сума која ќе ја одвојат се 300 000 денари за основни опремувања, дополнително ние си имаме програмски и проектни средства кои ги користиме пред се за опремување на собите, со ТВ проектни табли, проектори, светла и слично“, вели тој.

Токму поради овие бирократски работи, „Матично“ како младински центар се уште не е присутен на социјалните мрежи, иако е во план да има своја Инстаграм и Фејсбук страница. Во целиот овој процес на извидниците им помага службеникот за млади, функција која беше воведена со Законот за млади.

Јулија Геровска, од пред еден месец беше именувана за службеник за млади во Општина Центар, но вели дека е дел од создавањето на Матично како младински центар од првиот момент. Објаснува дека цело време работи со младите од Сојузот на извидници, а во моментов ги средуваат формалните протоколи и процедурите. Така, ако некоја младинска организација сака да прави настан, ќе треба да се обрати кај службеникот за млади, или кај Сојузот, кој понатаму ги договара настаните заедно со службеничката.

Предизвикот сега е да се привлечат младите, вели Геровска која е среќна што млади луѓе заеднички работат на проектот за младински центар.

„Треба да има повеќе млади луѓе за да функционира. Мора да се менува системот на функционирање во сите државни институции. Затоа што младите можат да одат пет чекори напред, а системот во кој функционирале постарите тебе ти вика- не , не може така, не може преку ноќ, не можеш сама против сите.  Ако имате поголем  круг истомисленици околу себе, може многу повеќе да се направи. Мене ми е многу драго што тие (н.з. Сојуз на извидници) се тука, затоа што јас знам дека не сум сама. Имаме ние млади кои можат да придонесат и да почне да се менува нешто. Јас навистина се надевам дека сето ова ќе профункционира и ќе остане на многу подолго време, не само за еден мандат на еден градоначалник“, вели Геровска.

И Костовски е уверен дека проектот младински центар „Матично“ ќе биде една успешна приказна која долго ќе трае. Објаснува дека и тие тргнале со голема доза на скепса кон целиот проект, но се задоволни од тоа како се одвиваат работите и соработката со општината. Свесен е дека наскоро ќе има општински избори, но верува дека кој и да дојде дојде на чело на општината, ќе ја препознае нивната работа и потребата од ваквите центри.

„Сепак живееме во Македонија, спремни сме ние на се. Сме имале многу подеми и падови поради промени на власт, ама гледаме да бидеме колку е можно поттргнати од политика и да си работиме само со луѓе кои сакаат да прифаќаат и поддржуваат добри идеи. Прво да ни дадат простор за ние да твориме , а после тие да нè поддржуваат во нашите идеи. Бидејќи пред се ние сме млади луѓе кои знаат што сакаат младите, што им треба на младите пред се од нашата општина бидејќи живееме тука, со нашите врсници“, дециден е Костовски.

Јанковиќ пак вели дека ќе биде презадоволна кога центарот ќе биде исполнет со млади луѓе. А тоа вели, ќе зависи од сите млади, како од Општина Центар, така и од целиот град, но и држава.

„За мене е успех тоа што воопшто сме тука во моментов. Оваа локацијата е преатрактивна. Уште поголем успех ќе ми биде да дојде момент кога ќе биде центаров пребукиран. Кога во жолтата соба ќе има мала конференција, во големата ќе има друг настан, шарената соба ќе биде полна со млади, ќе стане познато, а организациите ќе сакаат тука да спроведуваат младински размени каде младите ќе може да се запознаваат со млади од други држави. За мене и ова е неверојатен успех“, искрена е Јанковиќ.

Геровска пак, вели дека општината заедно со младите ќе ги креира идните младински политики на локално ниво. Младинскиот центар е само почеток.

„За сите ќе има место и сите ќе може да учествуваат. Утре не е важно кој ќе дојде на власт, ние остануваме тука, во истата држава. Ако ние не ја смениме и подобриме, нашите деца ќе си заминат“, децидна е таа.

Од „Матично“ се надеваат дека и новите младински центри кои ќе се формираат во другите општини ќе учат од нивниот пример. Отворени се за соработка и споделување искуства, со цел младинските центри да станат места каде ќе растат и ќе се едуцираат идните генерации.

Ј.Ј.