Шведскиот град Умеј, Тампере во Финска и Фуншал во Португалија, според податоците на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) го имаат најчистиот воздух во Европа. Во меѓувреме, градовите Нови Сонч во Полска, Кремона во Италија и Славонски Брод во Хрватска го имаат најзагадениот воздух, пренесува „Н1“.
Жителите на половина од 323 градови во кои се мери квалитетот на воздухот, во текот на 2019 и 2020 година дишеле загаден воздух, а најголемиот дел од нив се наоѓаат во Полска и Италија.
Добар квалитет на воздухот има во 127 градови, што значи дека во тие места, нивото на ситни честички прашина се со пречник помал од 2.5 микрометри под граничната вредност од 10 микрограми по метар кубен воздух, кои се утврдени од Светската здравствена организација.
Во првите 10 градови, со концентрација на ПМ 2.5 честички под пет микрограми на метар кубен, се наоѓаат уште два града во Шведска – Стокхолм и Упсала, три градови во Естонија – Талин, Нарва и Тарту, како и норвешкиот град Берген и шпанскио град Саламанка.
Европската Унија ја постави границата од 25 микрограми ПМ 2.5 честички на метар кубен како годишна гранична вредност. Сите градови кои имаат повисоко ниво на ПМ 2.5 влегуваат во категоријата на градови со многу лош квалитет на воздух. Во оваа категорија има пет градови од Полска, Хрватска и Италија.