Владата на вчерашната седница ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да се одобри превоз на патници со максимален капацитет од 100% на сите превозни средства. Притоа, превозниците одговорно да ги спроведуваат и контролираат мерките за лична заштита заради превенција предвидени со протоколот за организирање превоз на патници.
Покрај ова, на предлог на Агенцијата за млади и спорт, на седницата беше разгледана и усвоена и информацијата за проектот „Дигитализирање на Европската младинска картичка“. Станува збор за процес кој има за цел да им обезбеди на младите корисници на оваа картичка да ги користат услугите што се предвидени со неа преку своите мобилни уреди, потоа да се олесни дигиталното аплицирање за добивање на Европската младинска картичка, како и да се обезбеди едноставен пристап до сите информации каде и кои услуги можат да се добијат со оваа картичка.
„Младите на возраст од 15 до 29 години, како корисници на Европската младинска картичка можат да користат поволни услуги ширум Европа, а од почетокот на овој проект во јуни 2019 година во нашата земја до сега се издадени повеќе од 4.500 картички и се направени повеќе од 350 договори со правни субјекти кои своите услуги им ги ставаат на располагање на корисниците на картичките“, соопштија од Владата.
На оваа седница, Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Според овие предлог измени, данокот на додадена вредност за прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата да се намали од 18 на пет отсто за период од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата да изнесува 10 проценти. За периодот по 1 јули 2023 година даночната стапка да изнесува повторно 18%.
„Целта на овие измени и дополнувања на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата со намалување на нивните трошоци“, велат од Владата
На вчерашната седница, Владата донесе одлука и да се дозволи влез на придружниците на патниците на меѓународните летови во двете аеродромски згради на ТАВ согласно одредбите за лична заштита опфатени со протоколите за управување со меѓународните аеродроми во нашата земја.
Меѓудругоо, Владата донесе одлука електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, да му биде предаден на Министерството за локална самоуправа.
„Системот, кој е во полна оперативна функција достапен на локацијата www.sirera.mk и содржи податоци за сите проекти за регионален развој за периодот од 2013 до 2021 година, претставува алатка за транспарентност и за преглед на администрирањето на сите активни проекти наменети за рамномерен развој на регионите во земјата“, појаснуваат од Владата.