[Видео] Млади за Скопје, епизода 7

„Конечно може да се рече дека на светската пандемија и се гледа крајот, а тоа е знак дека уште повеќе ќе може да се дружиме и дека младите се повеќе ќе можат да го искажат својот моќен глас!“, се вели во седмата епизода на „Млади за Скопје“, како заклучок за нивниот последен настан кај уличката кај „Ла Кања“.

Видеото на старт го рецензира настанот во Старата скопска чаршија каде свиреа дечките од „Man in a Suit“. Тие пред аудиториумот конечно можеа да го промовираат деби албумот „Reveries“, а Марко Јачев да ги изложи своите уметнички дела.

Секоја епизода на „Млади за Скопје“ е своевидна најава за нивниот нареден музичко-уметнички хепенинг, па така и сега во фокус е интервју со бендот „Lufthansa“.

Овој состав неодамна ги изненади и освежи музичките фанатици откако на „Јутјуб“ ги пушти за преслушување сите песни од својот албум, со омот на залетано фиќо со регистрација „SK 0504 – LU“, a под секоја тема натпис „Зезанции во музичка форма од сферата на психоделичен рок и пост панк“.

„Млади за Скопје“ ја обработуваат и темата за образованието, една од клучните гранки што го гарантира идниот просперитет на државата.

„Преку квалитетно образование младите луѓе со сигурност би се здобиле со шанса во иднина да бидат вистински предводници на сите процеси во една демократија“, соопштуваат тие.

Младата уметница Јана Русевска е исто така вклучена во епизодата, со свое интервју, што значи дека наскоро ќе видиме и нејзини дела, на претстојниот настан на „Млади за Скопје“.

Б.Ш.