Филипче: Ако состојбата е стабилна, учениците треба да се вратат во клупите од септември

Доколку епидемиолошката состојба и во септември биде мирна и стабилна како сега, учениците треба да се вратат во школските клупи, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој информираше дека речиси се готови протоколите за безбедно враќање во училиштата, кои ги спрема работна група составена од претставници од Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести.

„Се планира децата да бидат присутни 100 проценти во училиштата. Протоколите опфаќаат мерки за дезинфекција, мерки на внимателност при влез и излез, нема да има мешање на различни класови. За неполни две недели целосно ќе бидат готови протоколите, а веднаш кога ќе започне имунизацијата со големата бројка вакцини кои доаѓаат викендов, продолжуваме со вакцинација на наставничките и наставниците. Од вкупно 30 илјади наставници, околу 10 илјади веќе се вакцинирани, тоа се оние наставнички кои работеа со физичко присуство“, изјави министерот Филипче.

Од Министерството за образование и наука, пак, велат дека се прават напори за вакцинирање на наставниот кадар.

„Сите посакуваме учениците да се вратат во училиштата затоа што знаеме дека наставата со физичко присуство е во најдобар интерес на децата, но оваа одлука зависи од епидемиолошката состојба и проценките на Комисијата за заразни болести“, велат од МОН за Радио МОФ.