Иницијативата НаТочак реагира по вчерашната прес-конференција на Град Скопје дека почнала јавната набавка за изработка на основниот проект за реконструкција и изградба на булеварот „Цветан Димов“ во општина Чаир. Според најавите, тој треба да добие 6 коловозни ленти, по 3 во една насока, тротоари, велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување по должината на целата траса од 1.100 метри. Од друга страна, НаТочак смета дека одлуката три пати треба да се промисли, тврдејќи дека улицата би станала доминатна за автомобили.
„Сте се запрашале зошто ‘Партизанска’ и ‘Јане Сандански’ се поподносливи како булевари иако имаат многу ленти за автомобили? Затоа што содветно на асфалтот имаат голема површина со странично и централно зеленило, зашто имаат широки (за наши услови) велосипедски патеки и широки тротоари. Затоа што просторот е релативно пропорционално распределен“, забележуваат од НаТочак.
Од слични причини, велат тие, булеварот „Климент Охридски“ е неподнослив и е автопатски пекол. Односно, посочуваат, затоа што на помала вкупна широчина добил ист број ленти за автомобили како горенаведените.
„Затоа што просторот не е пропорционално распределен. Затоа што таа широчина нема капацитет за толку коловозни ленти. Taa широчина треба да добие помал број коловозни ленти“, напоменуваат вело-активистите.
За споредба, посочуваат дека профилот на булеварот „Климент Охридски“ меѓу регулациони линии (јавниот простор: коловоз + вело + тротоар) изнесува 38 метри. На „Христијан Тодоровски Карпош“ и „АСНОМ“ велат дека изнесува 40 метри, на „Партизанска“ 50 метри, а на „Јане Сандански“ 60 метри.
„Сите овие се со по 6 ленти на коловоз. Чувството е различно на сите зашто во различна широчина на уличен профил се ставаат ист број ленти за коли. Секогаш страда непропорционално зеленилото, пешачките патеки, велосипедските. А ‘Цветан Димов’ во спорниот сегмент е широк само 29 метри! За 9 метри помалку од булеварот ‘Климент Охридски. Со 6 коловозни ленти ќе бидат атмосферата и пропорциите дури и многу полоши од тие на Климент Охридски! И нема да има простор за зеленило во функција на пешачките и велосипедски патеки кои ќе бидат со минимални димензии, несоодветни за булевар. Додека на Партизански Одреди и Јане Сандански коловозот е 35-42% од целиот профил на улицата, на Христијан Тодоровски Карпош (новото продолжение) е 52.5%, на Климент Охридски е 55%, на Цветан Димов ќе биде околу 70%! Со тоа таа би станала веројатно најавтодоминираната улица во градот, далеку од планирање за 21-ви век по принципите #УлициЗаЛуѓе. Секако ова е само еден од аспектите кои заслужуваат внимание. Ова одлука мора 3 пати да се промисли“, се вели во реакцијата на НаТочак.
Инаку, според вчерашните најави, основниот проект за реконструкција и изградба на „Цветан Димов“ во Чаир ќе важи за потегот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“. На овој потег е предвидено да минува и втората траса на БРТ системот на брз автобуски превоз која ќе се движи од Бутел до Кисела Вода.
Според градските власти, со развојот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот, „Градот Скопје создава услови кои директно влијаат на зголемување на мобилноста на жителите на овие скопски општини, што индиректно влијае и на подобрувањето на локалниот економски развој“.