Повеќе од 137 илјади лица потпишаа петиции со кои се повикува да се спречи враќањето на милијардерот Џеф Безос на Земјата, откако тој најави дека наредниот месец ќе отпатува во вселената, пренесува „Бизнис Инсајдер“.
Основачот на компанијата за истражување на вселената „Блу Ориџин“, на почетокот на овој месец изјави дека тој и неговиот брат Марк Безос ќе летаат во вселената на 20 јули.
Три дена по најавата, беа објавени две петиции во обид да се спречи враќањето на милијардерот на Земјата.
„Милијардерите не треба да постојат… на земјата, или во вселената, но ако се одлучат за второто, треба да останат таму“, се вели во описот на едната петиција.
Некои од потписниците дадоа и причина за потпишувањето на петицијата, која вклучуваше коментари од типот „да се вратиш на Земјата е привилегија – не е право“ и „Земјата не сака луѓе како Џеф, Бил, Елон и други такви милијардери“.
Лицето кое ја објави втората петиција пак, во објавата напиша дека Безос е „злобен надвладетел кој е гневен за глобална доминација“.
„Судбината на човештвото е во ваши раце“, се додава во описот.
Инаку, се планира летот да трае 11 минути до работ на вселената, во кој Безос ќе патува со неговиот брат и со непознато лице кое плати 28 милиони долари на аукција за да биде на летот.