Зошто македонските граѓани се плашат да го изразат своето незадоволство на јавни манифестации и протести или отворено да го кажат своето мислење за одредени работи. За експертите, најголем виновник е грубата политизација на општеството во сите негови сегменти, анализира Радио Слободна Европа.
Преовладува мислењето дека луѓето го одмолчуваат својот став со цел да не бидат злоупотребени и етикетирани дека ја одработуваат агендата на политичките партии. Некои истражувања покажуваат дека луѓето се плашат да зборуваат од егзистенцијални причини, поточно да не го изгубат своето работно место, или да бидат девалвирани.
Најголем револт предизвикува тоа што не може граѓаните да го изразат повидливо своето незадоволство, а веднаш потоа да не се организираат контра протести, кои меѓу редови значат одземање на правото на критичен глас. Гласот на индивидуалецот, односно на оној кој слободно мисли во Македонија е сè позадушен од гласноговорниците на големите политички партии. Интересно е дека практично партиските војници себе си се претставуваат како народ. Самите граѓани се во една беспомошна ситуација во која или дозволуваат да бидат несвесно втурнати и да учествуваат на митинзи за да ја исполнат политичката агенда на одредени партии, или воопшто не присуствуваат на јавни манифестации или на јавно покажување отпор, плашејќи се дека може да бидат девалвирани на работното место или сосема да го изгубат.
Дел од експертите и интелектуалците велат дека јавно не зборуваат за актуелни настани или сè помалку го прават тоа, бидејќи се разочарани од интерпретацијата на јавно кажаниот збор во медиумите. Преовладува мислењето дека силната партизираност на медиумите е причина за отсуство на вистински дебати, а некои интелектуалци сè повеќе се сомневаат дека навистина ќе може да го искажат својот став без да бидат ставени нивните зборови на контото на едната или другата партија, односно да бидат политички обоени и етикетирани.
Професорот Нано Ружин смета дека луѓето се плашат да изразат незадоволство или да побараат нешто што им припаѓа, поучени и од некои примери во општеството каде политиката значително почнува да се меша во слободата на мислењето.
„Политиката значително почнува да се меша во слободата на мислењето. Можеме да ги класифицираме овие примери од оние најтешките каде што на пример во државата сè уште постојат политички затвореници преку апсењето на новинарите или нивното шиканирање или казнување од страна на политичката власт. Од друга страна, и обичниот човек кога ги гледа тие примери на екран или кога чита за нив, нормално дека е уплашен. Знаете, ќе го казните Љубе Бошкоски со толку години затвор, ќе го казните Велија Рамковски, во една западна Европа, во една демократска Европа, тоа не постои. Во оваа, би рекол, социјална драма која ја живееме неколку години наназад, напнатост, сиромаштија, безработица, нормално дека секој е уплашен за сопствената егзистенција. Во таа насока има два метода, едниот е запакување и лажење на народот, манипулација на народот, негово корумпирање со ситни пари или целосно и директно заплашување“, вели професор Нано Ружин.
Според некои размислувања, отсуството од јавната сцена се должи на стеснувањето на просторот каде што слободно може да се изнесе сопственото мислење без тоа да помине низ филтерот на цензурата, вели социологот Илија Ацески.
„Главно тоа го наметнаа партиите во Македонија, таквиот пристап или тоа етикетирање, идеолошки или уште подлабоко некои национални етикети, воведе во Македонија еден реален страв, особено кај еден добар дел на интелектуалците кои имаа обичај да го кажуваат своето мислење без да сметаат дека тие ќе бидат етикетирани. Како да искажете нешто, еве да речеме во однос на антиквизацијата, вие веднаш за тоа добивате некоја етикета, а таа е во голема мера партиски определена, диктирана од партиските центри. Дури и сечењето на дрвјата или што и да било во Македонија добива една партиска обоеност, тоа е мачно, мачно за правите интелектуалци, затоа и тие понекогаш занемуваат, бидејќи во таа ситуација тешко можат послободно да мислат“, вели Ацески.
Сите протести на кои незадоволните го кажаа својот глас против одредени состојби и сегменти во општеството беа задушени со тоа што беа етикетирани дека тоа не е граѓанско незадоволство, туку беше етикетирано како дел од агендата на опозициските партии. Имаше протести на белите мантили каде што незадоволството кулминираше поради моделот на плаќање по учинок што ја деградира лекарската професија. Некои од лекарите што протестираа беа етикетирани како симпатизери на опозицијата кои се спротивставуваат на реформите на власта. Слична ситуација имаше и кај универзитетските професори кога протестираа против измените на законот за високо образование. Експертите изразуваат разочараност од одѕивот на овие протести, нагласувајќи дека кога нема одѕив, не може да се постигне целта, особено по сè поактуелните контра протести кои кај народот имаат цел да предизвикаат поинаква слика, дека тие што не се задоволни, всушност се инструментализирани од партиите што не ја поддржуваат власта.
Целосната анализа може да се прочита на Радио Слободна Европа