Во австралискиот град Сиднеј воведен е двонеделен карантин по зголемувањето на бројот на новоинфицирани со коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Повеќе од милион луѓе во централните и источните делови на градот веќе беа под одредени ограничувања, по скокот на бројот на новозаразени.
Карантинот сега го опфаќа целиот град и некои околни области и е продолжено од една на две недели.
Во последните неколку денови во градот се потврдени повеќе од 80 случаи на високозаразната варијанта на вирусот.
Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклијан рече дека граѓаните во Сиднеј и околните области мора да останат во своите домови до 9 јули, со што се опфатени околу 5 милиони жители.
„Кога станува збор за заразна варијанта како делта, тридневното затворање не значи ништо – ако го правиме тоа, да го направиме како што треба. Треба да се подготвиме за што поголем број случаи во следните денови“, предупреди тaa.
Пандемијата со Ковид-19, односно високозаразната варијанта која се шири низ светот, предизвикува нови грижи. Израел пак, повторно ја воведе обврската за носење маски на затворени јавни простори.
Израел ги врати маските во затворен простор поради растот на нови случаи со Ковид-19