Поранешниот полицаец од Минеаполис, Дерек Шовин е осуден на 22 и пол години затвор за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во 2020 година, пренесува „Н1“.
Пресудата ја донесе судијата Питер Кејхил, кој рече дека изрекувањето на казната претставува примена на владеењето на правото на поединечен случај.
„Пресудата не се заснова на емоции или сочувство, но во исто време сакам да укажам на болката што ја чувствуваат семејствата, особено семејството Флојд“, рече Кејхил.
Тој посочи дека пресудата не се заснова на влијанието на јавното мислење, ниту пак се обидел да испрати порака до другите како пример, туку дека работата на судиите е на поединечните случаи да го применат законот во согласност со фактите.
Шовин во април беше прогласен за виновен по сите точки на обвинението, кое го товари за убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност од втор степен. Обвинителството побара казна затвор од 30 години.
Со добро однесување, Шовин може да биде ослободен откако ќе отслужи две третини од казната, односно за 15 години.
Флојд почина на 25 мај минатата година, откако Шовин за време на апсењето со неговото колено го држеше за врат 8 минути и 46 секунди, поради обид Флојд да плати со фалсификувани пари во продавница.
Смртта на Флојд предизвика протести и немири ширум САД.
Шовин изрази сочувство до семејството на Флојд пред да биде изречена пресудата, а ова беше прв пат тој да зборува директно со неговото семејство.