Додека се фокусиравме на совладување на вирусот, го занемаривме влијанието на пандемијата врз нашето ментално здравје. Маката да се распознае вистината од „мамките за кликови“ остава последици кај секој еден од нас.
Од самото појавување на вирусот на КОВИД-19 во Кина, една од директните последици е масовното и, во повеќето случаи, неконтролираното објавување лажни вести. Фактот што во тоа време вирусот беше непознат, отвори безброј можности за постоење на многу теории и хипотези во врска со неговото потекло, вештачкото „создавање“ во лабораторија, агресивната трансмисија за брзо време во многу држави, и непосредните и долгорочните последици од инфекцијата.
Теориите на заговор и лажните вести се ширеа побрзо од самиот вирус. Овие вести немаа граници, возраст, пол, па дури ни националност. Поради страв, вознемиреност, несигурност или поради полицискиот час, сите бевме редовни „жртви“ на овие „вести“. Но, иако нивните намери беа различни – од ширење дезинформации, создавање паника, па дури и финансиска корист – треба да се напомене дека последиците од лажните вести врз луѓето беа големи (и во повеќето случаи, продолжуваат да бидат такви), особено оние од психолошка природа. Повеќе или помалку, слична ситуација владееше скоро низ целиот свет.
Од појавата на првиот случај на заразено лице во Косово во март 2020 година, како и во многу други делови на светот, медиумите играа важна улога во подигнувањето на свеста за пандемијата кај граѓаните и во објаснувањето на различните форми за заштита од вирусот. Но, во исто време, заедно со вестите за вирусот, во значителен број почнаа да се појавуваат лажни вести и дезинформации за вирусот, при што се создаде страв, паника, вознемиреност и социјална несигурност кај луѓето.
Социјалните мрежи како главен извор на информирање
Врз основа на податоци од специјализирани институции, Косово има највисок просек во регионот во однос на пристапот до интернет. Покрај тоа, според Агенцијата за статистика на Косово, ако се споредат статистиките обезбедени од Евростат, произлегува дека во Косово, 93 % од домаќинствата имаат пристап до интернет, додека тој просек во земјите на Европската Унија (ЕУ) изнесува 89 %. Ова нужно ја зголемува реалната можност повеќето Косовци да користат електронски ресурси, поточно да ги користат социјалните мрежи како главен и најчест извор од којшто добиваат периодични информации за вирусот. Ваквата претпоставка е всушност потврдена и со емпириски студии. Според истражувањето објавено во ноември 2020 година, над 51 % од граѓаните на Косово изјавиле дека нивниот главен извор на информации за време на пандемијата – а особено за време на карантинот и полицискиот час – биле социјалните мрежи. Додека, над 33 % од нив ја користеле телевизијата како извор на информации, 14,1 % од испитаниците користеле разни портали.
Од друга страна, сега е универзално познато дека главните средства за ширење лажни вести, невистини и дезинформации се социјалните мрежи. Големиот број граѓани со пристап до интернет, комбинирано со масовното користење на социјалните мрежи и ситуацијата со пандемијата полна со збунетост и несигурност, создава идеална и многу „плодна“ почва за „креирање“ и масовно ширење лажни вести и дезинформации.
Сомнителен пораст на бројот на онлајн медиуми
Одговорните институции надлежни за мониторирање на состојбата констатираа дека од идентификувањето на првиот официјален случај со КОВИД-19 во Косово, бројот на портали или социјални мрежи коишто имале за цел неодговорно да ја искористат здравствената криза значително се зголемил. Според Мрежата за дигитална комуникација, за време на пандемијата (особено во првата половина на годината) е идентификуван растечки тренд на формирање десетици веб-страници, коишто во повеќето случаи се претставувале како портали за вести. Исто така, оваа институција нагласува дека постоеле голем број страници креирани на платформите на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер итн.) коишто станале извори на дезинформации и лажни вести, користејќи сензационални и бомбастични наслови, непроверени информации и текстови, незасновани врз факти, веродостојни препораки или извори што можат да се проверат.
Следствено, се чини дека Косово воопшто не беше имуно на дезинформативните наративи што го преплавија остатокот од регионот (и светот). Така, Зери (Zëri), портал од Косово, објави сторија за измама од страна на една фармацевтска компанија, кооснована од државјанин на Косово, дека тој наводно развил ветувачки третман за КОВИД-19. Тоа не беше сè; една друга веб-страница, Култ Плус, ја проектираше и ја промовираше негативната улога на Бил Гејтс за време на пандемијата. Потоа, од истите овие извори, се ширеле дезинформации за ширењето на вирусот, „ризикот“ од примање на вакцината или, воопшто, за постоењето на вирусот итн. Целиот овој вид дезинформации и лажни вести од несигурни извори беа насочени кон косовската јавност, која во многу случаи стана жртва на овие тактики и, со или без цел, послужи како „алатка за соговорништво“ за понатамошно ширење на овој тип вести на социјалните мрежи.
Негирање на вирусот како „одбранбен механизам“
Друг загрижувачки феномен, идентификуван во други земји но исто така и во Косово, е негирањето дека вирусот навистина постои. Следствено, негирањето на потенцијалната закана служеше како „одбранбен механизам“ за да се избегне вирусот! Објавувањето вести, вклучително и дезинформациите во врска со вирусот, несомнено помогнаа да се создаде едно такво мислење и став. Според едно истражување спроведено во јули 2020 година, 29 % од Косовците изјавија дека не веруваат дека вирусот на КОВИД-19 воопшто постои, додека 61,5 % сметаат дека проблемот со вирусот е преценет бидејќи сметаат дека вирусот е многу помалку опасен отколку колку што се прикажува во медиумите. За разлика од оваа група, некои учесници во истражувањето изјавија дека веруваат во постоењето на овој вирус, но се скептични во однос на бројот на заразени случаи – односно не веруваат во бројките на заразени лица објавувани од официјалните институции. Поточно, 43,8 % од испитаниците сметаат дека бројот на заразени лица во Косово е многу поголем отколку што се известува. 31,9 % од нив, пак, веруваат дека оваа бројка е помала од реалната. Само 24,2 % имаат мислење дека бројот на случаи пријавени од соодветните институции е реален.
Негативните психолошки последици од лажните вести и дезинформациите
Општо е познато дека лажните вести и дезинформациите можат да имаат различни цели, како што се: привлекување што поголем број читатели и посетители на веб-страниците што ги објавуваат, финансиски придобивки за одредени луѓе или дури и за задоволување на одредени социјални потреби на различни луѓе или општествени групи. Но, во повеќето случаи, се игнорира фактот за негативните психолошки ефекти што ги носи оваа „вест“ врз читателите, ефекти што може да се манифестираат во повеќе форми, како што се: зголемено ниво на вознемиреност, страв, дури и несигурност кај граѓаните.
Всушност, ефектите на дезинформациите врз здравјето на луѓето се опширно проучени во областа на когнитивната психологија и здравствената комуникација. Социјалните психолози успеаја да пронајдат инцидентна врска помеѓу високото ниво на вознемиреност и ширењето лажни вести. Некои истражувачи имаат спроведено и други релевантни истражувања за односот помеѓу различните форми на катастрофи/несреќи што може да ги доживеат луѓето (без разлика дали се вештачки или природни) и озборувањата, шпекулациите, па дури и лажните вести. Ова се должи на фактот дека во времиња кога превладува претходно непознат феномен или појава, луѓето со многу голема веројатност ќе се потпрат врз озборувања, шпекулации и предрасуди како форма на толкување или објаснување на непознатиот феномен.
Во моментов нема доволно публикации со научна важност во Косово што можат целосно да ја расветлат мултидимензионалната каузална врска помеѓу изложеноста на лажни вести и дезинформации за пандемијата и евентуалното зголемување на нивото на стрес или други психолошки состојби. Сепак, според едно емпириско истражување спроведено од двајца социолози, откриено е дека кај 60,9 % од граѓаните учесници во оваа студија, пандемијата предизвикала страв, (45,7 %) паника, (34,8 %) вознемиреност, а кај 76,3 % социјална несигурност.
Оваа несигурност и паника, па дури и страв, се манифестираат различно на различни места. Поради несигурноста, во САД луѓето необјасниво трчаа да купуваат поголеми количини тоалетна хартија. Во Косово – особено во првиот месец од пандемијата – се создаде впечаток дека луѓето ќе останат без доволни количини на основни намирници за храна и во паника купуваа големи резерви од брашно, масло, шеќер и други неопходни производи. Нема сомнение дека важен елемент во ширењето на оваа општонародна паника беа лажните вести, вести изградени врз полувистини и дезинформации што се ширеа на социјалните мрежи. Неретко, жртви на овие дезинформации беа и конвенционалните медиуми со многу поголемо искуство и консолидиран персонал.
Бидејќи информациите, шпекулациите и стравот се мешаат и се шират, станува тешко да се дознаат вистинските и суштински информации за некое прашање. Ако ја имаме предвид масовната употреба на социјалните медиуми на национално и на глобално ниво, ваквите ситуации стануваат многу опасни и потенцијално многу штетни за сите „жртви“ на ова огромно количество информации и, што е поопасно, измешани со полувистини и лажни вести, ги преоптоваруваат луѓето многу повеќе отколку што тие всушност можат да процесираат/обработат. Според една студија спроведена на Универзитетот во Калифорнија во САД, по секојдневната изложеност на вести во врска со КОВИД-19, луѓето имаат поголема веројатност да доживеат „акутен стрес“ и „депресивни симптоми“. Исто така, оваа студија нагласува дека изложеноста на долг рок на пандемиски вести и контрадикторни податоци во комбинација со „секундарни стресори“, како што се губење на работното место, намалување на платите или недостиг од основни работи неопходни за нормален живот, придонесува кон развој на симптоми на менталноздравствени проблеми.
Практично, повеќето од овие информации – особено на интернет, да не спомнувам и некои портали – содржат вознемирувачки шпекулации, теории на заговор и неосновани изјави што ги збунуваат, ги дезориентираат и ги заплашуваат граѓаните, предизвикувајќи вознемиреност, паника, стрес, конфузија, дури и недостиг од концентрација за да се соочат со секојдневни проблеми. Затоа, во случаи на глобална пандемија, како што е онаа со која се соочуваме во моментов, многу е важно точното известување од страна на медиумите и соодветно пренесување на податоците за бројот на заразени и смртни случаи, како и правилно опишување на настаните преку доследно почитување на етичкиот кодекс и професионалните начела.
Од друга страна, граѓаните треба да бидат внимателни кога читаат различни медиуми и, истовремено, да развиваат вештини потребни за идентификување на потенцијални лажни вести и дезинформации. Исто така, сметам дека јавните институции, особено образовните, треба да бидат ангажирани во организирање специјализирани предавања за важноста на медиумското образование, особено кај младите и адолесцентите. Сето ова треба да се направи со цел „имунизација“ од лажните вести, коишто се составен и неизбежен дел од нашиот секојдневен живот, бидејќи проектирањето страв, несигурност и паника има директни и долгорочни последици врз менталното здравје на секој човек.
*Виолета Зефи докторирала на психологија на Универзитетот Масарик во Република Чешка. Во моментов е професорка на Колеџот „УБТ“ во Косово, а работи на советување и психо-едукација на лицата со ХИВ во Косово. Нејзините главни истражувачки интереси се менталното здравје и стигмата, врската меѓу ставовите и однесувањето, психо – социјалните аспекти на здравјето и опасното однесување кај адолесцентите и кај младите.
**Петтото издание на „Приказни од регионот“ се спроведува од Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), и Грција (Macropolis). Оригиналниот текст може да го прочитате на следниов ЛИНК.