„Критичарот не е должен да го напаѓа авторот лично, туку да говори за квалитетите или аномалиите на неговото дело. Без разлика дали (со авторот) сте пријатели, непријатели, познаници, соседи, другари од детство… Сето тоа е ирелеватно кога се прави филмска критика, бидејќи делото се става во фокус и неблагодарно би било и кон самиот автор, и кон читателот, доколку се подлегне на тоа „искушување“. Критичарот, пред се’, е должен кон реципиентот, не е должен да го негува егото или суетата на режисерот. Затоа постојат неговите пријатели, фамилија, да му кажуваат дека „е најдобар“, дека „има снимено ремек дело“. Целта на критичарот е да биде искрен и да му помогне одреден чинител, ефект да биде реализиран на поефективен начин, како насочување на правење подобри дела во иднина“.
Писателот и филмски критичар Златко Ѓелески е свесен за својата положба во културниот свет, мисија спакувана во нова книга „Видеологија“. Така се вика и неговата видео емисија на „Јутјуб“, која секоја недела нуди свеж критички осврт на актуелни филмски остварувања.
Ѓелески голем дел од овие рецензии ги смести во новото хартиено издание на „ПНВ Публикации“, а се најдоа и критики за дела, особено од млади домашни филмски гласови, тешко достапни за наоѓање и гледање. Со тоа, „Видеологија“ отвора простор за нивна дискусија, од друга страна на филмовите им дава и некаква енциклопидиска или архивска вредност.
„Иницијално, книгата е поделена во два делови. Читателот добива две книги во една. Првиот сегмент е составен од македонски наслови од домашната документарна и играна продукција во краткометражна и долгометражна форма од 2019 и 2020 година. А, во вториот дел е направена паралела од она што дома го создаваме, со сето тоа што важи како врвен квалитет од светската кинематографија, од истите две години“, кажа Ѓелески на вчерашната промоција на „Видеологија“ на платото пред МКЦ.
Ѓелески во емисиите во култното радио „Канал 103“ обично е водител, а сега имаше обратна улога – тој да биде интервјуираниот, да одговара на прашања како автор на книга и филмски критичар.
Меѓу другото, раскажа дека не е жанрофоб. Нема граници за жанрови, а гледа многу филмови. Ритуалот вели: по два филмови дневно пред да заспие! Доколку потфрли од таа квота, од таквиот маратон, наредниот ден мора да „мултиплицира“, да се „казни“ со филмови.
Ваквата фанатична посветеност му овозможува да биде во тек со стотици филмови од домашна и странска продукција. Од анализи на светски остварувања од Бонг Џунг-Хо, Кен Лоуч, Гаспар Ное, Педро Алмодовар, Надав Лапид, Фатих Акин, Квентин Тарантино… преку домашни филмови како „Врба“, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија, „Медена Земја“, „Дедо и внук“, но го доловува и продорот на уметници како Ивица Димитријевиќ, Мартин Иванов, Марија Џиџева, Борјан Зафировски, Рамона Кочишка, Сергеј Ѓеоргиев… Сите тие се вклучени во „Видеологија“.
„Имам поаналитичен пристап. За разлика од сите други уметности, филмот е тимски спорт. Значи, од 50 до 500 луѓе работат на еден филм, има т.н. ‘поглавари’ задолжени за сектори, кои донесуваат одлуки што се значајни за реализацијата на делото. И, се обидувам да ги земам предвид техничките аспекти, не само темата што ја содржи, која може да отвори прашања што се интригантни за разглобување на глобално ниво. Но, се обидувам и да продрам еден слој подлабоко во самата реализација на делата, она што не се гледа во филмот на прв поглед“, вели Ѓелески.
Раскажува дека селекцијата на филмови е составен дел од работниот процес на критичарот. Независно дали се работи за филмска критика во пишани изданија, во радио, или друг медиум – мора да постои селекција, бидејќи „има хиперпродукција, бомбардирани сме со извори и начини каде да се гледаат филмови“.
„Филмовите што сакам да ги рецензирам се дела што отскокнуваат од толпата. Или имаат решенија што се двојат од другите, квалитети што направиле некаков невообичаен исчекор. Им давам предност на тие што се посмели во својата реализација. Односно, тие што ги ‘скршиле’ правилата за општо добро. За добро на филмот и за нив како автори, се имаат надградено себеси од таа флоскула, од таа форма што се навикнати да ја калат“, објаснува авторот на „Видеологија“.
Во однос на македонските филмови и автори, се надева дека неговите рецензии имаат и најмал удел. Давањето глас, критика, дискусија, анализа – можеби ќе мотивира да се дистрибуираат делата до гледачите, затоа што, вели тој, филмовите не се прават за во фиока. Не се прават за филмски фестивали во Буркина Фасо, туку пред се’, за домашната, а потоа и светската публика на светските филмски фестивали.
„И, мора да биде во корелација со гледачот, бидејќи филмовите обработуваат теми што се многу блиски на поднебјето во кое живееме. Голема грешка е доколку не се посвети фокус на она што се создава тука. Истата паралела можам да ја направам и со музика од домашни бендови, книги од домашни писатели, сликари и нивни дела, бидејќи имаме привилегија тие автори да живеат тука, денес“, забележува Ѓелески.
За младите автори му е важно да бидат евидентирани кратките филмови, нивните почетоци. Ова го гледа од енциклопедиски порив, за да се зачува трага од творењето на авторите, но и како прибелешка за времето.
„Не можеме денес да зборуваме за Линч, ако не ги земеме предвид неговите кратки филмови. Или пак, пример Тарковски или Бергман, ако не ги земеме предвид нивните почетоци, каде веќе го калеле занаетот“, потенцираше критичарот пред публиката во МКЦ.
Рецензиите, вели Ѓелески, се нужни и како упатство за гледање филмови. Ако не знаете што гледате, дополнува тој, може да го погледнете Тарковски и ќе ви изгледа како „досадно тричасовно шетање по пустелии“. Или пак, „Мидсомар“ на Ари Астер би изгледал „како филм за Американци што се изгубиле во Шведска на некаков фестивал и станале жртви“.
„Меѓутоа, има нешто многу повеќе од тоа. Ако ја занемариме симболиката што Ари Астер макотрпно се обидувал да ја вметне во секој кадар и да ја потенцира зошто камерата така се движи, зошто светлото таму е поставено, да го поттенцира тој страв или исчекување кај гледачот…. Така што, не е само гледањето на филмот. Не е доволно, бидејќи за слоевитите дела е потребно ‘чешлање’ и анализирање, затоа што секое ново гледање на тие филмови нуди нови искуства и доживување, нови погледи. Кога ќе го погледнете ‘Климакс’ (на Гаспар Ное) десет години во иднина, ќе го доживувате многу поразлично. Затоа што сте друга индивидуа со други животни искуства. На некој начин, така отвораме нови врати на заемна комуникација, дискусија со гледачот. Тоа е и целта на книгата“, вели тој.
Како водител на радио-емисиите „Danse Macabre“ и „ТВ 103“, како рецензент во „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“… свесен е за генералната состојба во која се наоѓаат денес македонските медиуми, како и колку тие нудат култура.
Од една страна, дигитализацијата овозможува културни емисии да се евидентираат и зачуваат, да се стримаат или преслушаат преку обичен „клик“ на линк. Тоа го олеснува процесот, вели тој, не мораш како во 70-ти и 80-ти години да чекаш во толку и толку часот да слушнеш или погледнеш некаква емисија.
„Од тој аспект е многу олеснето, но недостасува квантитетот, недостасува секоја телевизија и радио да има свој сектор за култура, како што го имаат решено некои поразвиени балкански земји. Кои се грижат на доближување на културата до широките маси, затоа што знаат дека ако го подигнат нивото на разбирање и размислување – ќе се зајакне и самата нација, како држава, или како форма – како сакате наречето го. Значи, ако се направи таа победа над мрзеливоста, апатијата и над дефетизмот, ако се вроди тој никулец кај гледачот дека постои свет каде може да се догради како личност, по консумирањето на уметничкото дело, сметам дека е направена мала победа“, констатира Ѓелески.
Бојан Шашевски