Меѓународната организација Репортери без граници (РСФ) за првпат во списокот на „непријатели на слободата на печатот“ вклучија шеф на влада на земја-членка на ЕУ, односно, унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесува „Индекс“.
„Откако Виктор Орбан и неговата партија Фидес дојдоа на власт во 2010 година, тие чекор по чекор ги ставаат медиумите под своја контрола“, се вели во извештајот на РСФ објавен денеска.
„Регионалниот печат е во целосна сопственост на претприемачи кои се пријателски наклонети кон Орбан. Речиси 500 провладини медиумски компании беа споени во холдинг компанија со цел централно да се координира нивното известување“, додаваат од РСФ.
На списокот „непријатели на слободата на медиумите“ се наоѓаат и 37 шефови на држави и влади кои драстично го отелотворуваат немилосдрното сузбивање на слободата на печатот. Нови на списокот, заедно со Орбан, се бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Нова на списокот е и лидерката на Хонг Конг, Кери Лам.
Инаку, РСФ го објавува овој список на „непријатели на слободата на медиумите“ од 2001 година.