Граѓаните на Европската Унија (ЕУ) се свесни за проблемите со климатските промени и сметаат дека инвестициите во економско закрепнување требат да одат во „зелената економија“ затоа што, меѓудругото, ќе придонесе за иновации и со тоа ќе ја подобри конкуретноста на Унијата, покажа новото истражување на „Евробарометар“ денеска, пренесува „Данас“.
Девет од десет граѓани на ЕУ сметаат дека климатските промени се сериозен проблем и осум од десет испитаници сметаат дека се работи за многу сериозен проблем, објави Европската комисија (ЕК).
На прашањето кој е единствениот најсериозен проблем со кој се соочува светот, 29% проценти од испитаниците ги издвоиле климатските промени, влошувањата на животната средина или здравствените проблеми поради загадувањето.
Специјалното истражување на ЕК покажа и дека девет од десет Европејци се согласуваат дека емисиите на стакленички гасови треба да се сведат на минимум.
Во исто време, 87% сметаат дека ЕУ треба да постави амбициозни цели за зголемување на употребата на обновлива енергија, а ист процент верува дека е важно ЕУ да обезбеди поддршка за подобрување на енергетската ефикасност.
Истражувањето опфати повеќе од 26.000 граѓани од 27 земји-членки на ЕУ.