Меѓуврсничкото насилство, односно популарно наречено булинг кое претставува физичко, емоционално и психолошко насилство што се јавува кога едно или повеќе лица напаѓаат друго лице кое не е во состојба да се одбрани постоело отсекогаш. Но, фокусот на јавноста во изминатиот период е свртен и кон сајбер булингот, кој се прави преку интернет, во време кога учениците ја префрлија наставата онлајн, пишува „Пина“.
Психологот Тијана Ивановска од социјалниот бизнис „СебеСложувалка“ кој се залага за бесплатна базична едукација за менталното здравје на широките маси, смета дека сајбер булингот сега, со употреба на социјалните мрежи станал уште поголем проблем.
Таа истовремено вели дека тоа е така поради тоа што булингот во училиштата може да се контролира, односно, на него може да интервенираат службите од училиштето, наставниците, психолозите и педагозите, додека на социјалните мрежи оваа проблематика не е регулирана.
„Во една училница постојат правила и доколку да кажеме тој булинг, веќе почнал да надминува одредени, да кажам, да прекршува одредени правила, често се случува тука наставникот да интервенира, има ПП служба – психолог, педагог, каде можат да се вклучат ефикасно во конфликтот, а во сајбер просторот нема такво нешто затоа што не е регулирано со правила и секој може што сака да напише и кого сака да го навреди, така да, затоа уште поинтензивен е тој булинг, затоа што едноставно се нема контрола врз него и не е регулирано на ниеден начин, со ниедни правила, баш се онака децата оставени сами на себе, да се штитат“, вели Ивановска.
Имајќи во предвид дека кога се случува булинг преку интернет, училиштето не може веднаш да интервенира, Ивановска вели дека родителите се тие кај кои децата треба да се доверат. Истовремено пак, таа истакнува дека е многу важно како ќе се постават родителите, додавајќи да не ги изолираат децата, туку да ги здружуваат и да им ја јачаат самодовербата и врсничката поддршка.
Психологот пак, исто така вели дека во овој случај и разговорите со врсниците може да помогнат, бидејќи, како што додаде, доколку едно дете не прифатено во една група, тоа не значи дека ниту една друга група врсници нема да го прифати.
Ивановска објаснува и дека децата е потребно да зборуваат отворено, бидејќи како што рече, булингот не е срамота и е нешто кое секому може да му се случи, а во меѓувреме, доколку се зборува отворено за ваквите појави, таа додава дека има тенденција тоа да се намалува.
„Значи, ова не е, да кажеме, нешто што треба да ги направи да се чувствуваат помалку вредни, но едноставно, кога зборуваме отворено за такви појави, имаме тенденција да ги намалуваме. Бидејќи секој „вознемирувач“ ја губи моќта кога јавноста се свртува против него и кога врши социјален притисок, бидејќи самото вознемирување е негативна социјална појава, така да коегзистира и расте само кога се крие. Сè додека е скриено, моќта на оние што „вознемируваат“ е недопрена, тие немаат никаков проблем, го прават истото. И кога ќе почне да се зборува и ќе се сврти вниманието на јавноста, тогаш се врши социјален притисок институциите да реагираат, значи професори, психолози итн. … да се направи тој позитивен круг“, посочува Ивановска.
Психологот Сибел Цома од едно основно училиште во земјава вели дека честопати наидувала на случаи на булинг во училиште.
„Најчести се случаите на вербален и социјален булинг, но истите многу ретко се пријавуваат кај психологот, запознаени се класните раководители кои постојано ги набљудуваат учениците. Како психолог, информации за вербален булинг добивам преку класните раководители, при состаноци со ученици доколку поттикнувам ваква тема и во ситуации кога еден случај ги преминал границите или се претворил во физички булинг и стигнал до раководството. Тогаш учениците се изразуваат и раскажуваат од раните почетоци на епизодата на булинг“, вели Цома.
Во ваквите случаи, Цома истакнува дека работи на подигање на свеста на лицето или лицата кои вршат вакво насилство, а исто така, како што изјави, се труди да им го „разбуди“ сочувството за да разберат и почуствуваат дека тоа што го прават „боли“.
„Подигнувам свест за подобри можности во една помирна и позитивна атмосфера во училница и меѓу другари и другарки. Сето ова преку разговор и техники каде преку игра го разбираме другиот, што обично е плодно. Разговарам со наставникот за деталите и плановите како ќе се дејствува понатаму. Разговарам и со родителите давајќи им поддршка и совети за понатамошно дејствување. Често, со дозвола од родителите, организирам состанок за индивидуално советување со лицето што врши булизам и жртвата“, посочува Цома.
Клучни при одлучувањето дали ваквиот процес ќе продолжи во недоглед или ќе престане се наставниците, смета Цома, која истакнува дека тие треба да интервенираат со методи и техники кои му се на располагање кога ќе се воочи случај на булинг.
Со цел булингот да не ги премине границите, таа посочува дека во образовниот процес постои и програма која смета дека е позитивна за решавање на овој проблем, но истакнува дека таа не треба да остане само на хартија.
„Според упатствата за подготовка на наставната програма за работа во основно училиште во Република Северна Македонија, има додаток во наставната програма, наречен ‘Програма за ненасилно однесување на училиште’. Овде се планирани доста активности поврзани со оваа тема што ќе се реализираат во текот на годината“, вели Цома.
Дел од активностите кои се вметнати во оваа програма, како што објаснува Цома се состојат од работилници, обуки на образовниот кадар, ревизија, дизајнирање на критични области во и околу училиштето, родителски состаноци и стратегија.
Булингот во светот најчесто се случува во средните училишта, кога адолесцентите почнуваат да создаваат свои групи. Професорот Ндерим Положани објаснува дека во училиштата ширум земјата постои оваа појава, но дека малку се зборува за тоа.
Тој додава дека ако се има добра волја, булингот може да се спречи и во училишните простории, но и во интернет просторот.
„Секако дека од прашањето се појавува и проблемот. Мислам дека најслабата точка на сето ова е тоа што лицата-жртви не зборуваат, обично се затворени во себе и не зборуваат за ова како за грижа, бидејќи да ја имавме оваа култура на пријавување, да се зборува со професорот, со другарите, со родителите, со класниот раководител, психологот, мислам дека и последиците од булинг би биле помали. Јас сум сретнал неколку пати случаи на булинг, било на училиште или друго место, но проблемот е што не зборуваат, не пријавуваат, и јас мислам дека треба да играме важна улога и да им ја развиеме оваа култура дека за булинг треба да се дискутира и да ги научиме нашите деца да овие теми ги дискутираат, било дома, на училиште или со семејството“, вели Положани.
Положани вели дека треба да има уште поголема соработка меѓу родителите и наставниците, бидејќи повеќето родители, како што вели тој, не знаат дека нивните деца се жртви на булинг.
„Има уште еден проблем со кој сум се соочил во тек на моето искуство, родителите не знаат дека нивните деца се жртви на булинг, голем дел од нив, а потоа зависи и од класниот наставник, бидејќи тој треба да ја пренесе информацијата до родителот, иако децата се пазат, проблемот број еден е изолирањето, дека тие не зборуваат. Наставникот е поврзувачка алка меѓу родителот, институцијата, психологот. Понекогаш, еден ученик може да е поблизок со професорот отколку со својот родител, затоа во такви случаи, ние како професионалци, треба да ги пријавиме, но кој колку го прави ова останува на нивна совест“, додава Положани.
Случаи на булинг низ светот завршиле дури и трагично, каде што од голем притисок на булингот, децата се самоповредиле. Психолозите порачуваат повеќе да се зборува за случаи на булинг за да нема страв или срам кај луѓето кои се жртви. Што се однесува до луѓето кои вршат сајбер булинг, се предлага да бидат кривично гонети за да се минимизира ваквиот проблем.
Илмие Жаку и Мартин Колоски