„Ми треба ли ПЦР-тест“, „Дозволуваат ли да поминеш граница ако си вакциниран?“, ова се првите прашања кои си ги поставуваат македонските граѓани кои сакаат да патуваат во странство последниов период. Во потрага по точни информации или искуства од други луѓе тие често се обраќаат на социјалните мрежи, а во овие дискусии најчесто се постираат линкови од сајтот на Министерството за надворешни работи (МНР) каде во делот за Ковид-19, на едно место, треба да бидат достапни сите овие информации за правилата кои важат за влез во странските држави.
Сепак, кога ќе се разгледаат информациите објавени на сајтот, може да се забележат доста застарени информации, печатни грешки и нецелосни податоци кои можат да доведат до забуна. На страницата не постои известување кога последен пат е ажурирана информацијата за секоја држава поединечно, ниту пак податоците се на некој начин унифицирани за подобра прегледност. Во период кога секоја недела владите ги менуваат и адаптираат своите ковид-мерки, а бројот на активни случаи со коронавирусот расте и се намалува во различни држави, ваквите информации на сајтот можат да предизвикаат сомнеж дали и понатаму се точни.
Една од сомнителните информации кои ги забележавме е во делот за патување во Португалија. На сајтот на МНР, до денеска до 13 часот стоеше дека „Португалија не дозволува влез на државјани од Северна Македонија“. Истовремено, пак, на официјалната португалска платформа за туризам, земјава е наведена на листата држави од каде може да се патува со приложен негативен тест на Ковид-19 или пак дигитален сертификат за вакцинација.
Покрај ова, во податоците за Црна Гора е посочена одлука која се применува до 7-ми мај, за Грција има информации кои се однесуваат за периодот од 14 до 21 јуни оваа година, без информација дали овие мерки и понатаму остануваат исти. Слична е ситуацијата и со Финска и Хрватска, каде информација важи до 15 јуни или пак Литванија каде се поставени информации со важност до 30-ти јуни.
Уште постари се информациите за патување во Белгија каде е објавена одлука која стапила на сила од ноември минатата година. Информациите за Молдавија се од јануари, а за Швајцарија, Романија и Летонија од февруари. За Турција и Шведска информациите се од март, додека за САД и Египет од април.
Забележителни се и поголем дел печатни грешки во информациите на сајтот. Во делот за патување во Австрија, на пример стои информација „…од 24.06.2016 РСМ е ставена во група на држави со низок епидемиолошки ризик“. Од друга страна делот за Косово е објавен единствено на англиски јазик.
Кога одредени информации изгледаат застарено, неточно, или пак сомнително, од голема помош можат да бидат линковите кои во најголемиот број случаи се поставени помеѓу податоците за различните држави. Тоа најчесто се врски до официјалните сајтови со информации за ковид-мерките и протоколите каде може да се добијат свежи податоци, но тие сигурно ќе останат недостапни за граѓаните кои не го говорат англискиот или јазикот на државата од каде сакаат да ги добијат информациите.
Дополнителен проблем е што информациите на сајтот на МНР се објавени само на македонски јазик. Иако постои опција сајтот да се чита и на албански и англиски јазик, сепак овие податоци не се преведени на други јазици.
Од Министерството за надворешни работи нè информираа дека податоците кои се објавуваат на овој сајт се ажурираат според информациите кои ги примаат дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) низ светот.
„Министерството за надворешни работи работи за воспоставување на најдобра, наједноставна и најефикасна можна комуникација со своите државјани. Многу важен мост за оваа комуникација е официјалниот веб сајт на МНР, каде постојано се објавуваат сите новини и се ажурираат постоечките информации. Ажурирани и веродостојни се исто така и податоците за Ковид-19. МНР има посебна единица што се залага единствено со ваков тип на информации, што ги прима информациите од нашите ДКП-а низ различни земји и штом земјите излегуваат со нови услови за Ковид-19, соодветните информации се ажурираат и во веб-сајтот“, стои во одговорот на МНР до Радио МОФ.
Од МНР информираат и дека за граѓаните кои сакаат да добијат дополнителни информации постои „Глобал СОС“ и дежурни телефонски броеви за повикување каде сите заинтересирани лица можат да добијат подетални информации, поврзани со државата каде се заинтересирани да патуваат.
Дежурен телефон за повикување во Министерство за надворешни работи (од 8 до 22 часот) е +389 75 273 732. А граѓаните можат да се обратат и на мејлот globalsos@mfa.gov.mk. Дополнително на сајтот се ставени и неколку броеви од Кризниот штаб при МНР.
Даниел Евросимоски