Владата на денешната, 86-та седница, ја усвои информацијата за формирање Национално советодавно тело за младински политики.
Таа ги задолжи Агенција за млади и спорт, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда, Министерство за локална самоуправа, Министерство за култура, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство и Министерство за финансии, да именуваат претставник во Националното советодавно тело за младински политики, до 30 јули 2021 година.
Станува збор за тело кое се создава во рамки на Законот за младинско учество и младински политики. Идејата е да промовира соработка помеѓу младински претставници и претставници на органите на државната управа кое има советодавна и надзорна улога при спроведувањето на младинските политики и активностите за млади.
„Советодавно тело е составено од претставници именувани од органите на државната управа, но не повеќе од осум членови и девет младински претставници избрани од Националното собрание на млади, од кои еден е претседател. Членовите именувани од органите на државната управа имаат мандат од две години со право на уште еден избор. Младинските претставници избрани од претставничкото тело имаат мандат од две години со право на уште еден избор“, стои во Законот.
Дел од обврските на ова тело е да дава мислење за буџетските средства наменети за млади како и предлози, мислења и препораки за финансирањето на активности поврзани со млади, но и да иницира разгледување на прашања за млади до Владата и Собранието на Република Северна Македонија.
Покрај ова, меѓу обврските на Националното советодавно тело е и да ги следи препораките на Европската Унија за млади и се застапува за подобрување на политиките за млади, како и да организира настани и консултации за својата работа со младински организации и млади.