Илјадници протестираат ширум Шпанија барајќи правда откако геј маж беше претепан до смрт, пренесува „Индипендент“. Полицијата верува дека се работи за хомофобичен напад.
Самуел Луиз (24) беше нападнат во утринските часови пред клуб во Ла Коруња каде бил со неговите пријатели. Тој починал во болница.
Откако неговата смрт ја разгоре шпанската јавност, полицијата во Каталонија истражува друг напад кој е можно да е мотивиран од хомофобија. Луиз го изгубил животот откако расправијата со минувачи преминала во фатален напад.
За време на видео разговор на Луиз, кој се одвивал пред клубот, двајца минувачи го обвиниле дека се обидува да ги сними, по што бил нападнат од еден од нив.
По нападот, Луиз имал повреди на лицето, но само по неколку минути неговиот напаѓач се вратил овојпат придружен од 12 лица кои го тепале Луиз додека тој не се онесвестил. Тој починал неколку часа подоцна.
Нападот кој сè уште се истражува од полицијата, предизвика незадоволство кај шпанските граѓани кои излегоа да протестираат во Мадрид, Барселона, Валенсија, Саламанка, Билбао и Сарагоса.
Протестирачите носеле знаци на кои пишувало „Стоп за смртност поради омраза, нетолеранција и дискриминација“.
Диего Рубио (21) кој се придружил на протестите во Мадрид носел знак на кој пишувал „Тие ја ограбија нашата адолесценција, сега ни ги крадат и животите“.
Протестите во Мадрид брзо се претвориле во препукувања помеѓу полицијата и граѓаните, кои барале објаснувања од политичарите.
Шпанскиот премиер Педро Санчез го осудил убиството и изразил сочувство на фамилијата на Луиз.
„Сигурен сум дека истрагата на полицијата ќе биде успешна и ќе бидат пронајдени оние кои го убиле Самуел. Неговото убиство е дивјачки и безмилосен чин“, објавил тој на „Твитер“.
„Тие ја изгаснаа нашата светлина. Се надевам дека неговата смрт нема да биде за џабе“ изјавил Макс Луиз, таткото на жртвата.
Граѓаните оставиле цвеќиња, свеќи и други симболи на местото каде Луиз бил нападнат. Меѓу нив, на една порака било напишано „Тие мораат да платат за овој криминал, Семуел“.
Шпанската полиција истакнала дека засега уапсени се три лица кои учествувале во нападот. Пет и 12 мажи биле осомничени за учество во фаталниот напад.
Во друг инцидент во град близу Барселона, маж бил нападнат откако одбил да го даде својот мобилен телефон и кутија цигари. Тој потоа бил навредуван со хомофобични навреди, истакнале од полицијата.
Нападнатиот маж по нападот имал скршен заб, но и повреди по главата и екстремитетите.
Убиството на Луиз се случило една недела по годишната парада на гордоста, а само неколку дена откако левичарската влада на Санчес одобрила предлог закон за зајакнување на правата на ЛГБТИ лицата.