После многу години, лани за прв пат Македонското еколошко друштво (МЕД) доби директен доказ дека постои балкански рис во централниот дел на Шара, тетовско. Пријателот на МЕД и огромен љубител на природата, Албан Велиу, успеа со својата камера да сними ваква голема мачка, а со тоа да регистрира нејзино присуство на Шар Планина, која сега стана Национален парк (НП).
Балканскиот рисот е национален симбол, се наоѓа на „петденарката“, но и истовремено е и „критично загрозен“ според Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN). Се верува дека има околу 40-ина преостанати единки во соседските балкански земји каде тој живее и се размножува.
Оттука, Диме Меловски од МЕД за Радио МОФ вели дека прогласувањето на македонскиот дел од Шара за Национален парк значи дека одеднаш имаме еден огромен континуиран заштитен предел. Односно, НП „Маврово“ и НП „Шара“ во Македонија, НП „Шари“ во Косово и ЗП „Кораб“ во Албанија.
„Тоа веќе претставува сериозно континуирано, прекугранично заштитено подрачје кое може да овозможи адекватна заштита за рисот, неговиот плен и останатиот див свет“, посочува Меловски.
Тој објаснува дека рисот е крупно месојадно животно на кое му е потребна огромна територија за да ги оствари своите еколошки потреби. Поради пренаселеноста, вели Меловски, Македонија како дел од Европа има ограничен капацитет за вдомување на витални популации од крупни месојади (волк, мечка, рис), а со тоа несомнено доаѓа во контакт со луѓето.
„Можните конфликти на крупните месојади се најчесто поврзани со сточарите и пчеларите, кога има директни штети врз нивните имоти, или со ловџиите кои ги гледаат волкот и рисот како директна конкуренција во ловот. Згора на се’, искористувањето на шумите и зголемувањето на патната инфраструктура врши додатен притисок врз нивните популации. Така, заштитените подрачја играат значајна улога во зачувување на стаништето и пленот и пред се’ овозможуваат непречен опстанок и размножување. Ама, самите заштитени подрачја, како што се националните паркови, обично не се доволни за да овозможат една популација на крупни месојади да биде витална“, објаснува Меловски, посочувајќи ја затоа важноста за прекуграничната заштитна функција.
Според него, нужни се три работи сите чинители, вклучително и нашите институции, за да ги направат и да има поефективна заштита на балканскиот рис. Прво, поскоро да започнат мониторинг активности и обука на идната ловочуварска служба во паркот.
„Мониторингот според мене треба да биде најпрвин насочен кон рисот и дивата коза, бидејќи нејзината популација е под огромен притисок од ловџиите. Второ, прекугранична соработка: животните не познаваат граници. Соработката со НП Маврово и НП Шари од косовска страна треба да е приоритет на новиот национален парк. Само така може да се направи интегрална заштита на стаништата, флората и фауната во паркот. Соработката треба да биде насочена кон заеднички мониторинг, заедничка заштита (патроли) и заеднички проектни активности насочени кон еко-туризам“, вели Меловски.
Исто така, посочува дека во иднина треба да се работи на подобрување на коридорите кои водат надвор од ова големо заштитено подрачје (Маврово, Шари, Шара, Кораби). Целта, вели тој, е да се овозможи непречено движење на рисот и другите животни и поврзаност со останатите популации.
Министерот за животна средина Насер Нуредини на денешната прес-конференција зборуваше токму и за прекуграничната соработка со останатите соседски паркови. Новиот Закон за Шар планина значи дека се добива вкупно површина од 244.617 хектари заштитено подрачје во трите земји.
„Тие првенствено се добри за природата и за опстанокот на дивите видови, како што е балканскиот рис, балканската дива коза и мечката, но истовремено и за локалното население што живее таму“, рече Нуредини.
Радио МОФ истражуваше за балканскиот рис, чии закани доаѓаат од ловокрадците, малите хидроцентрали, дивата сеча, дивите кучиња што му го јадат пленот, но и недоволната екипираност на службите и малиот број инспектори.
Според Нуредени, целта е сега да се направат „правила на игра“, проблемите да се решаваат постепено, бидејќи активностите досега се одвивале „нерегулирано“.
„За менаџирањето и заштитата на ендемските видови во земјата, нормално, овде ќе има и ренџерска служба за да се грижи во НП Шар планина, но и во останатите паркови – ‘Галичица’, ‘Маврово’ и ‘Пелистер’. Идејата за прогласувањето на Шар Планина за НП е да создадеме правила, бидејќи досега немаше. Активностите се одвиваа нерегулирано. Целта е да ја заштитиме природата, ендемските видови во државата, да се грижиме за нив, да се грижиме исто така да има и вработувања во паркот“, рече Нуредини.
Тој додаде дека македонскиот дел од паркот е 62.705 хектари, од кои 26,5% е во зона на строга заштита, 49,06% во зона на активно управување и 22.02 % се во зоната на одржливо користење. Со прогласувањето на Шара, Македонија се доближила и до 13.2% вкупна површина на заштитени подрачја. Исто така, Шар Планина е и идно Натура 2000 подрачје.
Согласно законот, Владата ќе треба да основа Јавна установа Национален парк во рок од 3 месеци од неговото стапување на сила. Најмногу за една година, пак, Планот за управување треба да ги уреди „конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето“.
„Со прогласување на Шар Планина за национален парк ќе започне поголема меѓуопштинска соработка, а и развој на Полошкиот регион. Освен локален развој во сите седум општини од Полошкиот регион и Маврово Ростуше, конечно ќе започне и системско зачувување на природните вредности на Шар Планина кои изминативе децении се под постојат притисок од човекот. Националниот парк ќе биде добра основа за креирање локални брендови за локална храна, угостителски објекти и туристички пакети со што ќе се зголеми продажната моќ на регионот и ќе се поттикне развој на туризмот во сите негови форми. Не само што ќе ги помогне и зајакне земјоделските активности, туку ќе креира нови можности за одржлив развој“, рече Нуредини.
Бојан Шашевски