Унгарските власти казнија издавачка куќа поради дистрибуција на детска книга во која се прикажани семејства од истополови родители што предизвика многу критики пред стапувањето на сила на новиот закон со кој се забранува прикажување на хомосексуални практики и промена на родовите улоги на малолетници.
Новиот закон, кој стапува во сила денеска, според активистите е напад на ЛГБТ заедницата и беше осуден од високи европски политички фигури како нарушување на вредностите на Европската Унија.
Критиките кон унгарските политики се засилија откако локалната власт на округот Пешта го казни со 700 евра дистрибутерот на „Какво семејство“ на американската авторка Лоренс Шимел, во која се прикажани дневните рутини на дете кое има две мајки или два татковци.
Според локалните власти унгарскиот дистрибутер ги прекршил правилата за комерцијални пракси бидејќи јасно не истакнал дека книгата има „содржина која е различна од нормата“.
„Книгата стоеше помеѓу другите бајки за деца, па според тоа направен е прекршок. Не постои начин да се дознае дека оваа книга е за семејство кое е различно од нормално семејство“, изјавил преставникот на Округот Пешта, Ричард Тарнаи.
Во објава на Фејсбук, издавачката куќа напиша дека „виножитните семејства се совршено нормални, вообичаени семејства. Книгата е за едноставни секојдневни случки, а сексуалноста на родителите не е воопшто тема“, мислејќи на семејствата со ЛГБТ родители.
Владата на Унгарија тврди дека законот, усвоен минатиот месец, со кој се забрануваат медиумски содржини или училишни програми во кои се „отсликува или промовира хомосексуалноста“, е неопходен да се заштитат децата. Сепак најголемиот дел од земјите членки на ЕУ го осудија законот како дискриминациски и побараа негово повлекување.
Во обраќање пред Европскиот Парламент, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен го нарече законот „срам“ и ја предупреди Унгарија дека извршната власт на ЕУ ќе ги искористи сите механизми да го зачува европското право.